Едно семејство со хумана одлука спаси два човечки живота

Во пресрет на Светскиот ден на органодарителството – 13 август, од Министерството за здравство упатуваат порака за значењето на дарувањето органи. Минатиот месец, едно семејство во најтешкиот момент донело хумана одлука со која биле спасени два човечки живота.

Со согласноста на семејството за органодарителство била извршена трансплантација, со што двајца пациенти добиле нова шанса за живот и можност повторно да бидат со своите најблиски.

Зад секоја трансплантација стои приказна за храброст и човечност – семејство кое во моментот на најголема загуба успева да помисли на некој друг и да даде согласност за дарување органи.

Но, потребата од органи во земјава е многу поголема. Според податоците објавени од здравствените власти на почетокот на јули, на трансплантација на бубрег чекаат 168 пациенти, 37 чекаат ново срце, 12 црн дроб, а 23 пациенти чекаат трансплантација на рожница.

Токму затоа, новите законски измени треба да овозможат граѓаните самостојно да ја изразат својата волја за органодарителство. Секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе може да даде изјава дали се согласува или не по неговата смрт да биде донор на органи и ткива. Одлуката ќе се евидентира во националниот електронски систем „Мој термин“, а граѓанинот ќе може и подоцна да ја промени.

„Секоја трансплантација е доказ дека и во најтешките мигови луѓето наоѓаат сила да мислат на другите. Благодарност до секое семејство што избра да подари живот“, потенцира министерот за здравство, Сашо Клековски.

Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, посочува дека зад секоја трансплантација стои тим од медицински професионалци, но пред сè – една хумана одлука.

„Зад секоја трансплантација стои тим, но пред сè стои една хумана одлука. Таа одлука е она што го прави можно чудото на новиот живот“, порачува Кузмановска.

Органодарителството не е само медицински чин, туку чин на длабока човечност. Еден донор може да спаси повеќе човечки животи и да им даде надеж на пациенти кои со години чекаат на трансплантација.

Во пресрет на 13 август, Светскиот ден на органодарителството, од Министерството за здравство се приклучуваат кон светската иницијатива за подигнување на свеста за значењето на дарувањето органи и упатуваат благодарност до сите семејства кои со својата одлука подариле живот.

Бидете дел од промената. Бидете причина за нечиј нов почеток.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани