Во Охрид викендов одекна староградскиот мелос

Има песни кои не исчезнуваат, туку со текот на времето   стануваат уште повредни.

Староградската песна е токму таква – тивок запис за едно време, за луѓето, љубовите, разделбите, радостите и животот во старите охридски маала.

А кога ќе запее охридскиот мелос, се чини дека за миг оживува и оној стар Охрид.

Овој викенд, во рамките на 38. Охридски староградски средби, песната повторно ги спои генерациите и градовите.

„Староградската песна е значајна за нашиот град, за да се одржи во живот. Ние се трудиме со културно-уметничкото друштво, ги негуваме староградските песни и се трудиме децата да ги научат. Понекогаш се изненадени од мелосот на староградската музика“, вели Татјана Тренеска уметнички раководител на КУД „Гердан од бисери“.

Мелосот е еден од најсилните белези на Охрид.Но традицијата не живее само во старите записи и спомените. Таа живее тогаш кога некој млад ќе ја научи песната, ќе ја запее и ќе ја пренесе понатаму.

„ Еве, јас моментално работам со деца, што е нормален, природен процес на генерации. Од едни деца сега доаѓаме до друга генерација. Едни прекрасни детски вокали.Веќе почнавме да се спремаме, мислам дека за наредната година учествуваме на Староградските средби. Една интересна забелешка имав… Кога ги шетавме низ чаршијата, имавме гости од Србија и често на многу места се слушаше српска музика. И баш рекоа: ‘Зошто не негувате некоја охридска староградска музика по охридските кафани?’ Би сакале да се негува“, додава Тренеска.

Оваа година на средбите настапија ансамбли од – Охрид и Дебрца, Струга, Прилеп, Кичево, Крагуевац и Штип. Различни гласови, различни средини, но една заедничка љубов – песната која ги чува корените.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани