Во туристичката сезона се зголемува обемот на работа и во здравствените институции

Недостигот на лекари во Охрид  се продлабочува во текот на туристичката сезона, кога поради напливот на гости е зголемен обемот на работа.  Во Општата болница во Охрид недостигаат  анестезиолози, уролози, лекари фалат и во одделите за трансфузиологија и    физикална терапија, но и на  Кожното одделение.Најалармантно е на  Одделот за педијатрија каде повеќе од две години нема  хоспитализација ниту ноќна смена, работат само тројца педијатри.

Итната медицинска помош во Охрид има возила, но нема доволно медицински персонал, додека Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо има лекари, но  нема возило за транспорт.  Работи и амбулантата во Пештани, за пружање на здравствени услуги на лицата во тој дел на крајбрежието.

Здравствените установи  ќе добиваат помош  од мобилните медицински тимови на Црвениот крст кој ќе патролираат на плажите, а ќе ги обезбедуваат и  јавните настани.

-„Онаму каде што се пофрекфрентни јавни капалишта ние имаме патроли коишто не се постојани но одвреме на време во викенди во шпицот на сезона ги ангажаираме. Исто така важно е да се напомене дека тимовите за Прва помош се ангажирани на сите јавни настани кои што  се на вода“ , изјави Сашо Точков претседател на Црвен Крст Охрид.

Граѓаните се загрижени, велат лекарите  специјалисти масовно заминуваат во странство или го напуштаат јавното здравство  за подобри плати во приватните клиники.

 

-Треба лекари, ама сите заминуваат шо да правиме.Не се платени

-Не е убаво како смее да нема лекари каде се лекарите си заминаа затоа што не ги плаќаат. Сите деца се Германија, Франција а колку имаме Америка што дојдоа сега лекари.

– Ние сме жртва на сите,  треба да мислат големите за народот ние што може да правиме.

– Кој лекар ќе остане овде, кој архитект. 0413 Неправди има големи, затоа заминуваат.

Од министерствтово за здравство велат Итната медицинска помош има 7 возила и 11 лекари, службата ќе работи 24 часа и е подготвена за зголемениот обем на работа. Општа болница Охрид располага со четири болнички (санитески) возила со современа медицинска опрема и со потребниот стручен медицински персонал за пружање неопходна медицинска нега и надзор за време на превозот. Ова ни овозможува да обезбедиме брза и безбедна транспортна услуга за пациентите за кои е потребен превоз од една до друга здравствена установа.

-Одделот за интерна медицина со пнеумофтизиологија располага со 11 специјалисти по интерна медицина од кои четворица се супспецијалисти, од кои двајца супспецијалистисти по едокринологија и двајца супспецијалисти по гастроентерохепатологија, кои се посветени на дијагностицирање и лекување различни внатрешни заболувања и состојби.

-Што се однесува до одделот за општа хирургија, имаме 8 лекари специјалисти, како и доктор супспецијалист-трауматолог и доктор супспецијалист по абдоминална хирургија, кои се фокусираат на хируршки постапки и процедури.

– Општата болница во Охрид е постојано подготвена да ги прими сите пациенти кои бараат здравствена помош. Нашата посветеност е да обезбедиме квалитетна и ефикасна здравствена заштита за сите, вклучувајќи ги и туристите кои го посетуваат убавиот Охрид. Преку нашето ангажирање и висококвалификуван медицински кадар на пациентите им обезбедуваме најдобра здравствена нега.

Подготвени сме да одговориме на сите потреби или предизвици што може да настанат во текот на туристичката сезона. Нашата мисија е да бидеме тука за сите наши пациенти во секое време и да им помогнеме да се чувствуваат подобро и сигурно, стои во одговорот.

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) Охрид е на 16 место од 30 градови во земјава  според можностите за здравствена заштита што можат да ја добијат жителите.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани