Проблемот со дивите депонии и управувањето со отпадот во Охрид добива сè поалармантни размери. Покрај десетиците нелегални локации низ градот и околината, сериозна загриженост предизвикува состојбата со депонијата Буково, која со години функционира како привремено решение.
Според упатените, капацитетот на Буково е речиси исцрпен, а количествата отпад секојдневно се зголемуваат, особено во летниот период. Дополнителен проблем е честото палење на отпадот, што директно влијае врз квалитетот на воздухот.
„Ние постојано се соочуваме со загаден воздух, и во зимскиот и во летниот период, како резултат на палењето на дивите депонии, но и на депонијата Буково. Овој проблем трае со години и состојбата е навистина алармантна. Депонијата Буково е речиси на прагот да ги прими последните количини отпад, бидејќи секојдневно се трупаат огромни количества, особено во туристичката сезона. Дополнително, голем број диви депонии во градот и во руралните средини претставуваат ризик не само за воздухот, туку и за подземните води, бидејќи со инфилтрација загадувачките материи продираат во почвата и водните ресурси. Затоа е неопходно што поскоро да се операционализира планот за управување со отпад и да започне изградбата на регионалната депонија во Новаци, која одамна е планирана“, вели Ѓоко Зороски, еколог.
Како решение се посочува итна операционализација на регионалниот систем за управување со отпад и забрзување на изградбата на регионалната депонија во Новаци, која со години е најавувана, но сè уште не е изградена. Паралелно, потребна е селекција на отпадот, изградба на собирни центри и построг надзор врз нелегалното депонирање.
„Во однос на Буково, познато ми е дека неодамна се формира меѓуопштинско претпријатие за Југозападниот и Пелагонискиот регион и беа одржани неколку состаноци на кои присуствуваа градоначалниците од општините во овие региони. Очекувањата се во наредниот период да се распише тендер за конечно започнување на изградбата на регионалната депонија во Новаци. Во источниот регион, колку што сум информиран, веќе повторно се распишува тендер за Свети Николе. Суштината е овие да бидат регионални центри за современо управување со отпад, каде што ќе се применуваат сите добри практики согласно законите – селекција, рециклирање и повторна употреба. Секундарните суровини треба да се одвојуваат уште во домаќинствата, односно отпадот да се селектира од самите граѓани, а на депонија да завршува само она што навистина не може да се искористи“, вели Давор Блинков, генерален инспектор за животна средина.
Голем број диви депонии во руралните средини и околу градот претставуваат ризик од инфилтрација на загадувачки материи во почвата, а со тоа и во водните ресурси.
Експертите велат проблемот со отпадот, повеќе не може да се одложува – потребни се конкретни чекори, институционална одговорност и систем што ќе функционира на долг рок.
Новинар Соња Рилковска
