Што поскоро да заврши постапката за прогласување на Јабланица за Национален парк. Екологистите сметаат дека на тој начин ќе престане девастацијата на шумите, узурпацијата на земјиштето и дивоградбите.
Соголувањето на шумите и нелегалните градежни активности се клучните предизвици на планинскиот појас познат по ендемичната флора и фауна.
За поголема заштита на природното богатство, еколозите бараат час поскоро да заврши постапката за заштита.
-Ставањето под контрола на овие процеси, прекинувањето на илегалните процеси само ќе биде во полза на населението кое што живее во подрачјето на планината Јабланица. Тука има бројни села, бројно население кое што може да просперира од идниот заштитен статус на планинското подрачје, вели Јован Секулоски иницијативен одбор.
Во тек е изработка на Студијата за природните вредности на Јабланица, но процесот за прогласување на заштитено подрачје тапка во место.
-Едно е потребно доволно време, друго се потребни и финансии. Се обидуваме од различни страни да обезбедиме финансиски средства за да може да се покријат различните поглавја од таа студија и откако ќе се сработи да се достави до Министерството за живона средина, вели Робертина Брајаноска извршен директор на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Албанската страна од планината Јабланица е национален парк уште од 2008 година, во земјава има иницијатива од 2007 година. Со прогласувањето на Јабланица за НП од македoнска страна ќе се подигне нивото на заштита, ќе бидат забранети градежни потфати, експлоатација на природните ресурси и менување на теренот.
Новинар Соња Рилковска