Од утре, 19.09.2023 година (вторник) стапува на сила новиот режим на сообраќај на улица „Македонски Просветители“ со кој по целата должина на улицата ќе се одвива двонасочен сообраќај.
Такси постојката која се наоѓа во џебот на улица „Македонски Просветители“ се префрла на десната страна од коловозот на улица „Партизанска“.
Според новиот сообраќаен режим, кој е усогласен со надлежните служби во локалната самоуправа, предвидено е такси постојката на булеварот „Македонски просветители“, во близина на поштата, да се дислоцира на улицата „Партизанска“, a локацијата да биде пренаменета во паркинг простор. Воедно, делот од коловозот пред досегашната такси постојка на булеварот „Македонски просветители“, од пресекот со улицата „Партизанска“ до пресекот со улицата „Димитар Влахов“, ќе биде отворен за сообраќај во правец од рампата кај поштата кон булеварот „Туристичка“ со што од утре сообраќајот по целата должина на булеварот „Македонски просветители“ ќе се одвива двонасочно.
Апелираме до возачите да се придржуваат до измените и да ги почитуваат насоките на полициските службеници кои, утре, на посочените локации и практично ќе ги информираат граѓаните за новите сообраќајни измени.