Уште една програмска активност беше успешно реализирана во рамките на овогодишното десето по ред Вевчанско куклтурно лето Вевкул 2022,тоа се одржа под мотото:„Празнување 680 години од првото споменување на Вевчани во пишуван историски документ (1342 – 2022 )“.
Имено, овогодишните шесетина странски учесници на Летната школа на 55 –от Меѓународен семинар за македонски јазик,литература и култура го посетија Вевчани, а претставници од манифестацијата Вевчанско културно лето,искрено и со задоволство ги пречекаа македонистите – слависти од 17 странски земји и тоа од универзитетските центри од Австрија,Германија,Грција,Италија,Полска,Република Кореја,Романија, Руската Федерација, Соединетите американски држави,Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија Франција, Хрватска и Чешката Република.
Во оваа прилика,иако времето беше врнежливо,тие во Мултимедијалниот центар за култура „Коста Србакоски“имаа прилика да се запознаат со вевчанскиот хроничар и истакнат македонски новинар МИШО КИТАНОСКИ,којшто ги запозна гостите со славното историско минато на населбата низ вековите.За посетителите хроничарот Китаноски,поподробно зборуваше за потеклото на топонимот,односно името на Вевчани,потоа за вевчанскиот влог во историјата за македонската литертатура и присуството на триесетината вевчански автори,од кои еден и печалбар во 1933 година,објави своја збирка песни со социјални мотиви.
Посебно место во своето претставување на Вевчани,хроничарот Китаноски оддели истакнувајќи дека македонскиот литературен јазик се брани и со четиририте речници на вевчанскиот говор,издадени од тројца автори,како и објавената монографија за Радолишко-вевчанскиот дијалект од Петар Хендрикс од Амстердам 1975 година.Исто така,тој се задржа и ги запозна странските македонисти – слависти со паганскиот обичај и одржувањето на Вевчанскиот карневал секоја годинаа во средината месец јануари,како и споменикот на природата – Вевчанските извори,кои гостите го посетија.
Во името на присутните гости странски македонисти – слависти учесници на Летната школа при Меѓународниот семинар за македонски јазик,литература и култура се заблагодари директорката на оваа престижна меѓународна славистичка организација што работи во рамките на УКИМ-Скопје,проф.д-р.Весна Мојсова – Чепишевска ,во чија придружба беа уште и соработниците проф.д-р.Гордана Алексова,проф.д-р.Борче Арсов,м-р.Иван Антоновски и м-р. Марија Пандева.
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ