575 милиони евра потрошени на изградбата на автопатот Кичево Охрид

Свлечиштата што се појавија на трасата на автопатот Кичево-Охрид ќе го пробијат и овој рок на завршување. Свлечишта има на вкупно 13 локации, што според министерот за транспорт, Благој Бочварски се проблем од проектантски и и технички аспект.

Државата и во наредниот период ќе продолжи да работи на трасата, со решавање на проблемот со свлечиштата, но директорот на Јавното претпријатие за Државни патишта, Ејуп Рустеми истакна дека ова е лош пример на изготвен и спроведен проект.

-„Ова е типичен пример кој никогаш не треба да се повтори – да градиме со погрешен проект. Токму ова е случајот кога реализираме погрешен проект, во кој достигнавме веќе 85 проценти од неговата реализација, но добиваме неконтролирана работа. Со оглед на овие проблеми, ние како јавно претпријатие заедно со Владата се одлучивме да работиме, односно градиме по модифицираниот ФИДИК модел, во кој ќе градиме со конзорциумот „Бехтел Енка“. Сигурни сме дека со него ќе имаме подобра, побрза и поефикасна комуникација во иднина“, вели Ејуп Рустеми.

-Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, најголем проект, претставува изградбата на патната делница Кичево – Охрид, чија должина изнесува 56,7 km, а чиј износ заклучно со декември 2022 година изнесува 31.597. 364 илјади денари (приближно 512 милиони евра), односно за изградба на 1 km од оваа патна делница, до крајот на 2022 година инвестирани се 557. 273 илјади денари (приближно 9 милиони евра). До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра, се вели во денешното соопштение од ДЗР во врска со извршената ревизија.

И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, констатира Државниот завод за ревизија, делницата Кичево – Охрид не е изградена.

-Во мај 2014 година започнала изградбата на патната делница Кичево – Охрид. За таа цел во јануари 2014 година, склучен е договор за заем помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари.

Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани