СВР Охрид започнува со контроли на возилата што имаат затемнати стакла.Контролите ќе ги вршат полицајци и стручно лице од станиците за технички преглед со посебен уред.
За прекршителите следуваат казни од 300 евра.
Портпаролот на СВР Охрид м-р Стефан Димоски вели дека СВР Охрид, работејќи на постојано унапредување и подигнување на безбедноста во сообраќајот, констатира зачестена појава на управување на моторни возила кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнување на стаклата.
-Со цел почитување на законските одредби од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата посебно на членот 360 од овој закон, СВР Охрид започна со реализација на акциски контроли со цел елиминирање на ваквите состојби кои можат сериозно да ја загрозат безбедноста во сообраќајот, изјави портпаролот Димоски.
Со оглед дека на стаклата на возилата несмеат да се поставуваат огледални фолии, СВР Охрид преку полициската станица за безбедност во сообраќајот, ќе постави подвижни мото-патролни служби составени од полициски службеници и стручно лице од станиците за технички преглед опремен со техничкото средество тинт-метар за мерење на пропустливоста на светлина.
При констатирани прекршувања на одредбите од членот 360 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, ќе биде изречен прекршочен платен налог со глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност.
