2017 година е година на промена на локалната власт. На чело на општината дојде нов градоначалник – професор доктор Јован Стојаноски.
Амбициозен, љубезен, елоквентен, народен, транспарентен, комуникативен, отворен за соработка… Вака го опишуваат охриѓани. Човек кој ги отвори вратите во општината.

1.Како Ви помина на приватен и службен план 2017?
Изминатава 2017 година е една од најдинамичните и највпечатливите години за мене, особено на службен план. Најголемиот дел од годината помина секако во знакот на политичките ангажмани во рамки на мојата партија, која целосно ме поддржа како свој кандидат за Градоначалник на Локалните избори во Охрид, а охриѓани со своите гласови ми ја дадоа својата доверба да раководам со општината. Поддршката и довербата се голема привилегија за мене како личност, која носи огромна обврска и одговорност да работам посветено, професионално и домаќински. Накратко, оваа година мене ми отвори една нова страница во мојот живот, која се надевам дека ќе биде испишана само со позитивни работи и успеси, со кои Охрид ќе прерасне во престижно место за живеење и посакувана дестинација за одмор.
2.По што најмногу ќе ја паметите изминатава година?
Секако дека најмногу ќе ја паметам по Локалните избори, на кои им претходеше многу позитивна и теренска кампања. Голем впечаток ми оставија сите средби со граѓаните кои ги посетивме во населените места и нивните домови. Сите искрено ги споделуваа своите проблеми и потреби, некои бараа и помош, а на голем дел од разговорите многу јасно се сеќавам. Кампањата беше голема можност да се види вистинската состојба на општеството и условите во кои живеат граѓаните. Ние како нова локална самоуправа веќе се обврзавме дека барањата на граѓаните треба да бидат наш приоритет и ќе се трудиме да ги оствариме.
3.Позитивни и негативни настани кои ја одбележаа 2017 на општествено, политичко и светско ниво?
Би кажал дека 2017 година беше година на промени во нашата земја бидејќи по 11 години добивме нова Влада. За жал промената беше засенета од немилите настани кои се случија во Собранието на Република Македонија. Но се надевам дека слични работи веќе нема да се повторат во иднина и дека ќе завладее правдата и демократијата. Од светските политички случувања како највпечатливи би ги издвоил стапувањето на власт на новиот претседател на САД Доналд Трамп и претседателските избори во Франција преку кои на власт дојде младиот политичар Емануел Макрон. Секако печат на политичката сцена оставија и случувањата во Каталонија во Шпанија. Надвор од политиката, на национално ниво годината ја одбележа успехот на македонскоиот ракометен клуб „Вардар“, кој се искачи на европскиот трон. Ова воедено е и најпозитивниот настан кој ги расположи сите македонци. На спортски план голем печат остави и финалето на УЕФА Супер купот помеѓу фудбалските гиганти Манчестер Јунајтед и Реал Мадрит кој се одржа во август во Скопје.
Се надевам дека наредната 2018 година на сите полиња ќе донесе многу повеќе позитивни случувања на кои ќе може да се радуваме и на локално и на национално ниво.
