Измина и петтата недела од Великиот пост.
Викендов во храмот „Успение на Пресвета Богородица Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.
По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.
„Желбата и стремежот за власт и положба може да биде гревовна и, буквално, погубна за човековата душа. Желбата ќе биде погубна ако се бара само за своја лична цел, без разлика дали било тоа во материјална, социјална или политичка цел. Затоа, секој кој бара да господари над други луѓе е грев. Слободните луѓе се должни својата волја да ја потчинуваат, не на други луѓе, туку на Бога. Постои тајна во човековата власт, која ние, до крај, не можеме целосно да ја разбереме. Но, во таа тајна има морално и Божјо мерење. Власта се преобразува во спасение кога таа се насочува кон служење на другите луѓе. Колку еден човек се издигнува по скалилата на својата служба, односно, власта, толку повеќе потребно е внатрешно смирение и употреба на својата положба за доброто на останатите луѓе. Тоа може да биде од политичка, економска и од друга природа. На пример, секој богат човек има некоја власт. Доколку таа власт и тоа богатство, ги ползува за да покаже своја сила, моќ и нечовечност, тој ја губи својата душа. Но, доколку, пак, го користи своето богатство и власт за да прави добри дела и да им помага на луѓето, тој, тогаш, Му служи и на Бога и на луѓето. Со други зборови, самото богатство само по себе не е зло, или, пак, грев, туку, начинот на кој со него се управува и за каква цел истото се ползува.
Власта не е важна само во материјалниот свет. Власта, исто така е присутна и во духовниот свет, односно, кај архиереи и свештеници. Тие имаат духовна власт над своите поверени духовни чеда и доколку истата ја употребуваат, поточно, злоупотребуваат, градејќи од себе идоли и светии, тие не само што си штетат себеси, туку, им штетат и на своите духовни чеда. Со тоа покажуваат славољубие, честољубие, а во краен случај тоа преминува и во болест, односно преминува во прелест.
Да се обратиме со искрен молитва кон нашиот Спасител Господ Исус Христос. Да ни даде сила и разум правилно да постапуваме со власта што ни е дадена и истата да ни биде за корист на нашите души и на поверените ни духовни чеда и верници. Амин!“, рече Тимотеј.




