Коѕијас и Димитров во четврток на средба во Охрид

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас денеска ја започнува мини балканската турнеја, а во четврток, 12 април, во Охрид ќе се сретне со неговиот македонски колега Никола Димитров.

 

Како што јави дописничката на МИА од Атина, патувањето на Коѕијас, засега, официјално не е соопштено од грчкото МНР, но според информациите во медиумите, министерот за надворешни работи на Грција, утре ќе има средби во Белград, во четврток во Охрид, а потоа во Приштина, по што ќе се врати во Атина. 

Грчките медиуми коментираат дека најкритичната средба од сите, е онаа со Димитров во Охрид. Токму затоа, новинарите во Грција, во извештаите, акцентот го ставаат на новата, трета по ред средба за 20 дена на шефовите на македонската и грчката дипломатија.

Грчките медиуми коментираат дека разликите се исти и непроменети, се однесуваат на ревизија на Уставот, на ерга омнес, односно опсегот на употреба на новото име, на јазикот и идентитетот, но додаваат дека и понатаму постои заемна волја од двете страни за постигнување решение.

 – На средбата во Охрид двајцата министри за надворешни работи одново ќе разговараат за отворените прашања во преговорите со цел да се доближат до решение. Досега, факт е дека двете страни имаат стигнато до сложено име што го содржи терминот Македонија со географска одредница. Но, остануваат прашањата за кои треба да се преговара како што е промената на Уставот на ПЈРМ, нешто што го бара Атина, употребата на името да биде ерга омнес, односно новото име да се користи како надвор, така и во внатре во земјата, но и прашањата како што се јазикот и идентитетот, што за соседната земја и понатаму се црвена линија, објави Скај.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани