Здружението Охрид ЅОЅ со низа предлози на надзорната расправа на тема: Законот за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство.
Ви го пренесуваме усказот во целост:
-„Во името на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ најпрвин би сакал да ја поздравам одлуката на Владата за прекинување на постапката за измени на Планот за управување со Националниот парк Галичица и согласно тоа, стопирање на сите деструктивни планови за НП Галичица (експресен пат, ТРЗ, ски центар и др.).
Ја поздравуваме и прифатената иницијатива за репрогласување на Охридско Езеро и прогласување на Студенчишко Блато за споменик на природата и Рамсар подрачје од меѓународна важност.
Во продолжение ќе се осврнам на забелешките на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ во однос на состојбата на заштитата на светското природно и културно наследство на охридскиот регион и на барањата што од тоа произлегуваат.
УРБАНИЗАЦИЈА
1. Согласно Член 4, став 1 од Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион: „Покрај одредбите од овој закон, при управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион се применуваат и одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО и документите донесени од органите на оваа Конвенција“. Врз основа на тоа, а во согласност со Извештајот на реактивната мониторинг мисија посочуваме на точка 6 од препораките за усвојување со рок до 1 февруари 2018 која гласи: „Да се вoспoстави мoратoриум на сите крајбрежни и урбани трансфoрмации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, барем дoдека не се изгoтват и усвoјат сите релевантни плански дoкументи (План за управување, Урбанистички и крајбрежен мастер планови базирани на ИУВ, итн.), не се oдoбрат ефективни закoнски регулативи за заштита, и не се вoспoстават ефективни механизми за кoнтрoла.“
Терминот мораториум на урбанизацијата се спомнува дури пет пати во извештајот. Сепак, оваа препорака не само што не е спроведена до наведениот рок, туку истата и понатака се занемарува како непостоечка што е крајно загрижувачки. Згора на тоа, во февруари Владата усвoи iнфoрмација за уредување на плажи на брегoт на Охридското Езеро и други зафати што јасно укажува дека активностите се одвиваат во насока спротивна од препораките на УНЕСКО.
Пордаи тоа, бараме итно прогласување на мораториум за градба на целата територија на доброто сè додека не се изготват соодветните акти како критично важен чекор во насока на зачувување на постоечкиот статус на УНЕСКО.
2. Дополнително, во контект на урбанизацијата Извештајот на реактивната мониторинг мисија наведени се и две последователни препораки и тоа:
„ (7) Запирање на процесот на легализација на сите бесправно изградени објекти во рамките на доброто сè додека не се подготви детален инвентар на сите постоечки нелегални градби во рамки на доброто и додека не се изработи соодветна Студија за оцена за влијанието на животната средина.“
Сите горенаведени мерки беа со краткорочен рок на исполнување до 1 февруари 2018, што беше и рокот за поднесување на Извештајот за напредокот во спроведување на препораките согласно Одлуката на Комитетот за светско наследство 41СOМ 7В.34 кој македонската Влада го усвои на 13 февруари. Сепак, овој извештај воопшто не го третира прашањето за мораториум на урбанизацијата како ни препораката за запирање на легализацијата, а не се дадени ни гаранции за бескомпромисно спроведување на регулативата во областа на урбанизацијата.
Токму напротив, во извештајот на владата во однос на легализацијата стои дека „Процесот на контролата на постапката за легализирање на бесправно изградените објекти во Охридскиот регион се одвива (подвлекувањето е наше) во согласност со законските одредби.“ Да потсетиме дека дел од измените на Законот за постапување со бесправно изгарадените објекти од 2015 (Службен весник 124/15 и 129/15) на што СДСМ, тогаш во опзиција силно се спротивстави, овозможија легализација и во строго заштитениот крајбрежен појас од 50 метри на езерата и реките што директно се коси со Законот за води. Следствено, ваквиот став на владата презентиран во извештајот е во директна противтежа со препораката 7 која експлицитно бара запирање на легализацијата.
Во Извештајот на мониторинг мисијата на УНЕСКО стои препорака „да се изработки детален инвентар на сите постоечки нелегални градби во рамки на доброто и изработи соодветна Оцена на влијание на наследството (ОВН) и Оцена на влијание врз животна средина (ОВЖС) за да се утврди неговото влијание врз ИУВ на доброто“. Во Акцискиот план за постапување по препораките по Одлуката, инвентарот се очекува да се комплетира до ноември 2018. Во Извештајот на Владата од февруари стои дека „нелегално изградените објекти кои не се во согласност со горенаведиот закон и го нарушуваат интегритетот на заштитеното добро, не се легализираат.“ Тоа повторно укажува на фактот дека легализацијата продлжува и покрај тоа што наведената инвентаризација не е направена како ни оцените врз основа на истата.
Во тој контекст, доколку оваа препорака се спроведува за вистинската цел, контрадикторно е да се продолжи со легализација на бесправно изградените објекти додека не се изработи инвентарот и соодветната оцена. Доколку не постои оцена, врз основа на кој критериум се врши проценката? Целта на оцената е да се добие сознание за кумулативните влијанија на сите бесправно изградени објекти. Со продолжувањето на процесот на легализација се оневозможува да се утврди кумулативното негативно влијание што исполнувањето на оваа сериозна препорака ја доведува во прашање.
Во согласност со оваа препорака, бараме:
1. Итно запирање на натамошниот процес на легализација на бесправно изградените објекти сè додека не се исполнат горенаведените услови, не се обезбеди усогласена легислатива и строго почитување за законите.
2. Ревизија на измените на Законот за постапување со бесправно изгарадените објекти од 2015 (Службен весник 124/15 и 129/15) со што се овозможува легализација во заштитениот зелен појас на езерата и реките.
3. Понатака, следната препорака во Извештајот на реактивната мониторинг мисија гласи:
„(8) Ригорозно спроведување на постоечките закони и регулативи со цел да се спречи понатамошно нелегално градење.“
Во однос на оваа препорака, евидентно е понатамошно кршење на законите во неколку случаи во Охрид и крајбрежјето на Струга, а најеклатантен пример е нелегалниот хотел во Лагадин каде инвеститорот и покрај поништеното решение за градба на 15 март 2017, а по налог на Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво кој утврди „повеќе неправилности во постапката за утврдување на услови за градење во село Лагадин и постапката за издавање дозвола за градење на предметниот хотелски комплекс“, континурирано гради и прави кривично дело кое останува несанкционирано.
Во овој контект би го спомнале и Општиот акт за село Лагадин за кој според Државен инспекторат за животна средина „направен е превид од страна на Општина Охрид при носењето на општ акт за село Лагадин бр.20-14970/2 од 03.11.2015 год. при што не е испочитувана законската обврска за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина“, понатака „утврдено е дека водостопанската согласност бр. УП бр.11-126 од 21.11.2016 е издадена за изградба на хотелски објект согласно општиот акт за село Лагадин во кој акт е нагласено дека треба да се запази крајбрежната линија на заштитен појас. во овој случај е направен исто така превид затоа што водостопанската согласност треба да се придржува кон донесениот општ акт за село Лагадин.“
Во точка 18 од Акцискиот план за постапување по препораките по Одлуката која почнувајќи од февруари 2018 предвидува „Да се отстранат сите нелегални градби во рамките на доброто и особено во рамките на Националниот парк Галичица“ може да забележиме дека не се преземени никакви активности. Токму напротив, узурпација на голема површина на заштитениот зелен појас на струшкото крајбрежје се одвива засилено и интензивно.
Поради тоа бареме:
1. Строго почитување на постоечките позитивни прописи и итно запирање на узурпацијата на крајбрежјето и тампонирање на брегот на Охридското Езеро, особено во Општина Струга.
2. Целосна ревизија на законската регулатива која со бројни измени усвоени изминатите години отвори простор за конфликтни одлуки кои се во спротивност со Законот за заштита на природата, Законот за води, Законот за управување со светското природно и културно наследство и други релевантни закони кои треба да го гарантираат интегритетот и одржливоста на Охридскиот регион.
4. Во однос на сите горенаведени точки бараме строго почитување на со закон утврдените активности во строго заштитената зона на изворите на Црн Дрим што го вклучува и т.н. острово во Св. Наум, а кои заедно се составен дел на Охридското Езеро и потпаѓаат под управување на ЈУНП Галичица. Според Закон во строго заштитените зони на Национални Паркови активности кои се дозволени само научни истражувања како и екскурзии со посебна согласност на Управата на националниот парк.
Во моментов Строго заштитената зона Острово Св. Наум е недозволиво и брутално искомерзцијализирана со десетина сплавови и ресторан со загрижувачки огромен капацитет. Воедно ова ги засега член 9 (став 1 и 4) и член 29 (став 1 и 6) од Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.
5. Согласно Законот за води и Законот за природа, како и посочените членови на Законот за управување со светското наседство, бараме да се изработи инвентар, направи стручна проценка и остранат сите објекти од траен и времен карактер подигнати во водите на Охридското Езеро за кои ќе се утврди дека го попречуваат движењето на водните текови или имаат негативно влијание на живиот свет во литоралната зона на Езерото.
Напомена
Важно е да се напомене дека препораката за мораториум на градежните зафати и запирање на легализацијата, како и строго спроведување на законите во обој домен не се бара само во функција на заштитата на ИУВ на доброто. Многу важно, тоа е во интерес на намалување на исклучителниот антропоген притисок врз Охридското Езеро врз кое заканата од еутрофикација постојано се зголемува. Имено, според последниот Извештај на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) (World Heritage Outlook for Lake Ohrid) од ноември 2017 г. – неконтролираната и нелегалната урбанизација на крајбрежјето се смета за една од најсериозните закани за Охридското Езеро.
Проблематичен е самиот факт што регионот постојано се соочува со проблемот на бесправно изградени објекти како во урбаното подрачје, така и во крајбрежјето и НП Галичица што е јасен показател дека постојат сериозни пропусти и недостаток на решеност за ставање на урбанизацијата под контрола. Проблемот со неконтролираната урбанизација и сериозните опасности кои произглегувата од тоа, особено во комбинација со лошата состојба на систем за третман на отпадните води, онаму каде што тој воопшто постои, третманот на комунален отпад итн. се наведени и во Извештајот на мониторинг мисијата. Легализацијата во охридскиот регион е правило, а не исклучок. Урбанизацијата е стихијна, неконтролирана и непланска што отвора нови проблеми во иднина.
Ваквиот превид на Владата и единиците на локалната самоуправа во однос на препораките кои се однесуваат на урбанизацијата се или свесно одбегнување да се зајакне ефикасноста на правниот систем или показател за недостаток на разбирање за сериозноста на проблемите во овој домен на што сега укажуваме.
ОСТАНАТО
6. Согласно член 9 кој го регулира управувањето со доброто, како и член 4 став 1 од Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион обрнуваме внимание на препораката на УНЕСКО бараме да се унапреди третманот на отпадните води и тоа вклучувајќи ги сите населени места во сливот на Охридското Езеро.
Тоа значи под итно изнаоѓање на средства за доизградба на прстенот околу цело Езеро, од Св.Наум до Радожда, репарација на до сега изградениот колекторски систем и доведување во состојба на негово потполно функционирање. Колекторскиот систем веќе подолг период е во катастрофално лоша состојба било поради амортизација на системот било поради немање финансиски средства за тековно работење и одржување на истиот. Поради тоа често пати (дури и до 100 врнежливи денови според информациите на Проаква) се случува прелевање на фекални води или од собирните шахти или од пумпните станици на колекторскиот систем во Езерото со што се прави непроценлива штета на квалиетот на водата и на растителниот и животинскиот свет во Езерoто. Иако премиерот Заев во октомври минатата година потврди дека Владата ќе ја преземе обврската за решавање на овој проблем, до одржувањето на оваа расправа, нема сознанија за било каков напредок.
Дополнително, бареме поголема соработна во однос на ова прашање со Република Албанија, конкретно, испитување на испустот на вода во езерото од прочистителната станица кај Тушемиште, како и други испусти на албанската страна на Езерото за кои има индикации дека оваа година испуштаат дополнителни количини на отпад.
7. Според член 24 од истиот закон: „ Во случај кога е загрозена популацијата на одделен вид или живеалиште што влегува во списокот од членот 20 на овој закон, со што природното наследство се доведува во состојба на опасност, министерот надлежен за вршење на работите од областа на заштита на природата е должен да преземе посебни мерки и режим на управување со цел да обезбеди привремена или трајна заштита на тој вид во соработка со други органи на државната или локалната власт согласно со Законот за заштита на природата и прописите донесени врз основа на тој закон.“
Додека не се прецизираат видовите и живеалиштата согласно член 20, бараме донесување на привремена одлука за забрана за сечење и уништува трската како живеалиште на поголем број животински видови (риби, фауна на дното, птици и др.) за која сметаме дека е доведена во опасност од се поголемиото антропогено влијание и постојано уништување (палење, сечење, тампонирање на брегот или во самото езеро итн).
8. Согласно истиот, член 24 од законот БАРАМЕ привремена заштита за пастрмските видови (пастрмка и белвица) што многу ендемични видови на риби се доведени во состојба на помала или поголема загрозеност. Оваа заштите бараме да се реализира со укинување на стопански риболов на Охридското Езеро.
9. Согласно добро познатите сознанија за опасностите по Студенчишкото Блато, некои наведени во Извештајот на мониторинг мисијата; последниот извештај за Охрид на ИУЦН кој препорачува „обнова на блатните екосистеми“ и конечно, согласно усвоената Декларација за заштита на екосистемот на Охридското Езеро на Европскиот огранок на SWS, бараме итно:
1. Забрзување на процедурата за репрогласување со Закон на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како Споменик на природа. И покрај усвоената информација на Владата и задолжувањето на МЖСПП и трите општини на 20 март годинава, процесот е сè уште во состојба на status quo, поради тоа што не се алоцираат потребните средства од фондовите за дополнување на Интегрираната студија за состојбата на Студенчишко Блато од 2012 г. што е неопходен чекор.
Имено, МЖСПП при составување на документите за проекти кои ќе се прифаќаат за финансирање од страна на УНДП свесно избира финансирањето да не опфати изработка на планска документација, а токму планската документација е една од суштинските препораки и услови на УНЕСКО.
2. Одблокирање на процесот за прогласување на Охрдскиот регион за водно живеалиште од меѓународна важност според Рамсарската конвенција.
Оваа процедура од неоправдани причини се оддолговлекува од страна на Македонскиот Рамсарски комитет иако Охридскиот регион:
• Задоволува 8 од 9-те критериуми, а доволно е да исполни само еден за прогласување на Рамсар подрачје. За оваа цел Охрид ЅОС иразботи документ Информации и податоци како доволна основа за номинација на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за воден систем од меѓународна важност според Рамсарската конвенција кои кореспондираат на 8-те критериуми, а истиот беше доставен до МРК и МЖСПП на 10 април 2018 г.
• Неспорноста од потребата за покренување на оваа апликација, како и потврдата дека Охридското Езеро и Студенчишко Блато како негов интегрален дел ги исполуваат условите на Рамсарската конвенција беше повторено и на Европската конференција за блатни екосистеми која се одржа во Охрид во мај годинава.
Имено ова барање е во согласност со веќе преземената обврска на Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Охрид, Струга и Дебарца по усвоената информација на Владата во март 2018 и заложбите за зачувување на Студенчишта како составен и интегрален дел од Охридско Езеро. Со прогласување на Студенчишта како Рамсар подрачје засекогаш ќе се одстрани опасноста на изградба на марина во областа Студенчишта и со тоа ќе се отстрани заканата по ова блато кое е од витално значење за Охридското Езеро и биолошката разновидност на регионот.
10. Во согласносст со препораката на УНЕСКО „Да се изнајдат и имплементираат соодветни мерки за стабилизирање на водостојот на Езерото, вклучително и и редовен мониторинг и контрола на испуштањето вода од страна на ЕЛЕМ“. Поради големите осцилации како што во 2017 г. ЕЛЕМ дозволи нивото на езерото да се спушти неколку сантиметри под минималната кота, а во моментов е дваесетина сантиментри над максималната кота. Ова може да предизвика значителни промени на ендемичната флора и фауна како и врз многу културно историски објекти на Светско природно и културно наследство на брегот. Во извештајот на Владата повторно не се адресира овој проблем на, сметаме несоодветно управување со водите на Охридското Езеро од страна на ЕЛЕМ што предизвикува сериозна опсаност по најживотворниот дел од езерото – литоралот, поради што бараме:
1.ЕЛЕМ строго да се придржува кон законски пропишаните коти мин 693,10-мак.693.75 до донесување на нови;
2. Владата да обезбеди механизми на сигурна контрола воведе строги санкции во случај на несоодветно управување.
11. Една од препорките на УНЕСКО е „Да се затвори и исчисти депонијата Буково“. Изградбата на депонија во реонот на с. Годивје, Општина Дебарца нема да го реши проблемот туку само ќе го премести од сливот на Коселска река во сливот на река Сатеска, односно повторно во сливот на Охридското Езеро.
Поради тоа бараме прекинување на постапката за изградба на депонија во Дебрца и нејзино дислоцирање надвор од сливот на Охридско Езеро.
12. Во однос на реката Сатеска, УНЕСКО препорачува разгледување на можноста за пренасочување на реката кон Црн Дрим поради предизвиканите „драматични ефекти во литоралната зона“ на Охридското Езеро. Во извештајот на Владата за напредокот стои дека Сатеска „има повеќекратно потврдено негативно влијание врз квалитетот на водата на Охридското Езеро“ и „е најголемиот извор на фосфор во Охридското Езеро“ внесувајќи дури 39% од вкупниот фосфор (по потекло од притоките). Во Декларација за заштита на екосистемот на Охридското Езеро на Европскиот огранок на SWS од мај годинава повика „на темелна ревизија на практиките на управување со водите во градовите и во руралните области (селата) околу Езерото за да се спречи влевање на загадена вода во Езерото“.
Сепак, зачудувачки е што иако Владата го препознава проблемот како загрижувачки, за него не се предвидува решение.
Со оглед дека постојат сознанија дека недоамна се започнати активности за решавање на овој проблем бараме увид во проектната документација која сега се подготвува за пренасочување на Сатеска во старото корито.
ПРЕДЛОГ ИЗМЕНИ на Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион
1. Предлагаме измена на член 30, став 1 „Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наслество се должни еднаш на секои шест години да подготват извештај за состојбата на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“ со скратување на рокот на две години. Сметаме дека шест години е премногу долг период кој може да допушти преземање активности во директна спротивност со начелата на управување со светското наледство и трајни негативни последици каков што е и последниот случај кој го доведе Охридскиот регион во опасност да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.
2. Предлагаме зголемување на казните за прекршување и злоупотреба на природното и културното наследство на регионот и нивна примена во пракса.
3. Во однос на Член 10, став 3 кој се однесува на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, бараме измена на начинот на избор и именување на членови од невладиниот сектор.
• Имено постоечкиот начин е спротивен на принципот на демократичност, траснпарентност и еднаквост за учеството на граѓанскиот сектор во одлучувачките процеси.
• Истиот претставува директно мешање во независноста и демонтрација на политичко влијание на државните институции во работата на граѓанскиото општество.
Затоа, предлагаме изборот да се врши со изразување интерес од страна на невладините организции и изборот да се врши во зависност од минатиот труд на организацијата во доменот на заштитата на природното и културното наследство. Исто така, изборот на органзациите да не бидат ограничени само на регионот бидејќи сметаме дека тоа ни најмалку не е одлучувачки фактор за оцена на компетентноста на дадена организација и влијае на квалитетот на изборот.
Во однос на составот на Комисјата, сметаме дека во голема мера соодветствува на составот на Националниот комитет на УНЕСКО, а учеството на граѓанскиот сектор е безначително мало.
4. Во согласност со Архуската конвенција бараме транспарентна работа на сите институции инволвирани во сегментот на Светското наследство со навремено објавување на информации, активности и извештаи и преведување на сите релевантни документи на Комитетот на македонски јазик.
Исто така бараме ставање во функција на страната посветена на УНЕСКО во склоп на веб-страната на Министерството за култура. Истата треба да ги содржи сите релевантни информации и документи достапни за симнување. Исто, да се овозможи он-лајн регистрација на заинтересираните со што би добивале информации за сите активности во врска со доброто на УНЕСКО.
Предложените препораки и мерки на Комитетот за светско наследство наведени во Одлуката 41СOМ 7В.34 од 2017 како и Извештајот на Мониторинг мисијата изработен од заедничката комисија на Центарот за светско наследство, ИКОМОС и ИУЦН (IUCN) се јасно „упатени кон потенцијалните опсности кои би имале големи штетни последици врз исклучителната универзална вредност (ИУВ) на доброто“ и упатуваат на критичните точки во однос на заштитата на светското природно богатство на Охридскиот регион кое никогаш не било позагрозено одошто сега. Затоа бареме Владата, ресорните министерства и локалната самуправа целосно да ги применат препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и да покажат дека се решени Македонија да не го загуби единственото Светско наследство“.
