Дневни партиски обвинувања.
Општина Охрид не оди кон светла иднина, нема јасна цел и стратегија. Градоначалникот Јован Стојаноски очигледно е зафатен со локалниот огранок на СДСМ и претседателот Лазе Танески, па се занимава со лични проблеми наместо со проблемите на охриѓани. СДСМ не води транспарантен процес на донесување одлуки почитувајќи ги интересите на граѓаните.
Ова ли е отворена и услужна Општина за сите, којашто ја ветувавте господине градоначалник Стојаноски?
Свесно манипулирате со граѓаните дека претходно била проверена микро-студијата за сообраќај во централното градско подрачје. Лажно се затскривате зад статусот на Охрид под УНЕСКО за кој лично за жал не можете да го гарантирате поради урбанистичките планови и најпосле дрско и безобразно лажете дека жителите барале таков режим на сообраќај.
На жителите од Центар и Стар Град им ветувавте катна гаража, пешачки и велосипедски патеки, мини-плоштад, а не рампи.
Уште колку долго ќе молчете пред граѓаните?
Преземете одговорност, излезете лично Вие пред охриѓани и објаснете го режимот на сообраќај за време на туристичката сезона како и функционирањето на рампите.
Ако е с`е толку добро зошто тогаш не организиравте негово отворање?
Охриѓани и туристите се свесни, ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, имаат хуман однос, но го гледаат хаосот којшто се случува во сообраќајот и затоа реагираат.
ВМРО-ДПМНЕ бара градоначалникот Стојаноски веднаш да го поништи донесеното решение за функционирање на рампите а СВР Охрид да ги отстрани незаконски поставените рампи.
СДСМ наместо да си ја признае својата некадарност и неспособност, тие се ставија наспроти охриѓани, рече Перчо Божиноки од ОК на ВМРО ДПМНЕ.
Од општина одговорија:
-Во насока на правилно информирање на јавноста, без намера да се препукуваме со
опозицијата, сакаме да посочиме на следните факти:
– Граѓаните на Стар град дадоа отворена поддршка на проектот, кој напоменуваме
дека не е воопшто избрзан и донесен на брзина, туку на него се работи сериозно
повеќе месеци. Направена е и симулацијата како и снимање на состојбата кое
покажа дека интензитетот на сообраќај е барем осум до десет пати поголем од
нормалниот за оваа улична мрежа;
– остварени се средби и со станозидавачите и голем број други граѓани од овој
дел на градот, на кои им беше презентиран проектот;
– напоменуваме дека од УНЕСКО децидно бараат во стариот дел да нема воопшто
сообраќај;
– Веќе се поделени околу 800 картички за непречен влез и тоа на жителите од
Стар град, на оние кои не се жители, а кои имаат таму куќи, возило, на
станоиздавачите, на оние кои имаат фирми и на доставувачите на роба.
– Начинот на кој се одвиваше сообраќајот на овој дел од градот и претходно беше
ист, само ја немаше рампата кај Горна Порта. Години наназад улиците „
Коста Абраш“, „Самоилова“ и „Македонски
просветители“ од 20:00 до 05:00 часот беа забранети за сообраќај.
На крај би напоменале дека Охрид е туристички град, чија економија во добар дел
зависи токму од оствареното во шпицот на сезоната. Токму затоа, апелираме пред
се` до граѓаните на овој дел од градот, но и на останатите делови за максимално
разбирање и колку што е можно да се намали користењето на возилата барем во
текот на овој и следниот викенд. Да покажаме сите заедно дека сме најголемиот
туристички центар во државата. Свесни сме за проблемите со кои се соочуваме, не
сакаме да обвинуваме никого за истите. Ние работиме посветено и сакаме Охрид да
не се „шминка“ со козметички и популистички потези, туку да се
направи суштинска промена на подобро.
Тука граѓаните се нашите најголеми сојузници и ние заедно ќе го направиме Охрид
подобро место за живеење, стои во реакцијата на општина Охрид.
