Годинава 177 сообраќајки со три жртви во охридско

Во првите седум месеци годинава во Охрид случени се вкупно 177 сообраќајни несреќи. Сто лица завршиле во болница со тешки телесни повреди, а тројца го загубија животот. Најчеста причина за несреќите е преголемата брзина, претекнување и непочитување на сообраќајната сигнализација.

Црни точки во охридско се патниот правец од Охрид кон Кичево и патот кон охридските плажи. Особено во лето при зголемен сообраќај најкритично е во близина на Хидробиолошкиот завод и кај преминот за Рача, каде се случени неколку фатални сообраќајки.

„После Подмолје па се до Пресека тоа е пат во изградба нели тука се гради автопатот и тоа е еден отежнувачки елемент или околност поради кои што во изминатиот период се случиле значителен број на сообраќајни незгоди. Поради тоа сообраќајните патроли се зачестени поприсутни на овој патен потег и се обидуваат превентивно но секако и репресивно да делуваат“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид. 

Лани во првите седум месеци се случиле повеќе сообраќајни несреќи, биле повредени 104 лица а исто колку и годинава, тројца го загубиле животот. Полицијата постојано работи на превентивни кампањи за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

– „Да се почитуваат сообраќајните правила и прописи. Брзината на движење во и надвор од населено место да се носи безбедносен појас да не се зборува на мобилен телефон и секако да се внимава на севкупната безбедност, на личната безбедност и на другите учесници во сообраќајот.Нашите кампањи се насочени и кон пешаците. Да се користат обележаните пешачки премини, а не на места каде пешаците мислат дека може да го прават тоа“, додава Димоски.
Со зачестени сообраќајни пунктови и контроли на фрекфрентните патни правци полицијата се обидува да го намали бројот на несреќи особено во текот на летната сезона кога сообраќајот е неколкукратно погуст од вообичаено.

Новинар Соња Рилковска

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани