Денес Охрид одбележува девет години од потонувањето на бродот „Илинден“.
По тој повод пред спомен обележјето во паркот наспроти х.Милениум, со почеток во 11 часот, ќе се одбележи деветгодишнината од потонувањето на бродот „Илинден“, несреќа во која животот го загубија 15 туристи од Бугарија.
Охриѓани и денес се присетуваат на кобниот петти септември 2009 , кога се случи најголемата бродска несреќа во историјата на Охридското езеро. Точно пред девет години , беше топол септемвриски ден, сончево , а езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи големата трагедија.
Несреќата се случи утрото во 10 30 часот, бродот кој превезуваше 57 патници, бугарски туристи на релација Охрид- Сети Наум се преврте и потона на 250 метри од брегот на езерото, кај автокампот ‘Елешец‘. Починаа 15 бугарски туристи.
Секоја година на денешен ден делегација на Општина Охрид и бугарскиот конзулат положуваат цвеќе пред спомен-плочата на жртвите на Градскиот кеј.
Од 5 септември 2009 година до денес преземени се низа мерки и активности со кои е подигната безбедноста во водениот сообраќај.
Бродот „Илинден“ беше изграден во далечната 1924 година, од потонувањето до денес цели девет години, стои во каналот “Студенчишта”, како нем сведок на солзите, тагата и врисоците на жртвите во најголемата бродска трагедија во земјава.
Новинар Соња Рилковска
