Нова авио линија од Охрид до популарната туристичка дестинација во Европа, Виена.
Претстојната ниско-тарифна конекција ќе почне да сообраќа на 17 ноември годинава, три пати неделно, односно секој вторник, четврток и недела, со што се создаваат одлични можности за македонските туристи да откријат еден од европските културни центри со цени од само ЕУР 19.99*/ МКД 1199*.
Главниот град на Австрија ќе биде совршена дестинација за туристите што сакаат да ги откријат барокните улични пејзажи и грандиозните палати. Уметничките и музичките ремек-дела на Виена, заедно со кафетериите кои се посебен дел од културата на овој град, како и динамичните и живописни пејсажи, нудат огромен спектар на активности за сите посетители.
Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија, изјави:
„Среќни сме што ја додаваме Виена како редовна дестинација од охридскиот аеродром, чија фреквенција ќе биде 3 лета неделно. Виена како дестинација ќе биде 4-та по ред авиолинија од Охрид што ќе сообраќа во текот на целата година, по Цирих, Базел и Лондон. Заедно со трите нови сезонски дестинации, најавени дека ќе се воведат во текот на претстојната летна сезона, сигурни сме дека ќе придонесе за значаен пораст на авиосообраќајот на охридскиот аеродром во текот на 2018 година.“
Одговарајќи на побарувачката на своите клиенти и потрагата за создавање поприфатливи можности за патување, Виз ер и понатаму ја збогатува својата мрежа од Македонија, со што во 2018 година ќе понуди вкупно 30 авиолинии во 14 држави, достапни од двата македонски аеродрома што понатаму ќе придонесе за зголемување на дојдовниот и појдовниот туризам, како и за унапредување на бизнис-врските меѓу државите.
