Се интензивираат анкетите со кои се одмерува рејтингот на неколку личности, за кои во јавноста кружат информации дека се фаворити на една или друга политичка партија за градоначалник на Охрид.
Според одредени информации,има и телефонски анкети, во кои, се „вртат“ имињата на повеќе јавни личности од Охрид, а силно се активираа и одредени портали кои спроведуваат рејтинг анкети со соодветни прашања до своите читатели. За најголемите политички партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, се уште било рано да излезат со официјални имиња на нивните кандидати за градоначалник на Охрид. Она што на овој период му дава посебен белег, секако е огромната проактивност на една личност, која, уште пред речиси еден месец, јавно ја обелодени својата амбиција да биде градски татко. Адвокатот Мишел Наумоски, со изјави преку порталите па дури и со изнесување на својата програма за Охрид под работен наслов „ОХРИД,Општина за ВАС“, недвосмислено кажа дека, покрај желба, има и визии и планови како Охрид да биде подобро место за живеење и како да биде поуспешна општина.
Тоа, беше доволен повод, од адвокатот Наумоски, да побараме одговор на неколку прашања.

Охриднет: Вие веќе во јавноста изнесовте дел од Вашите планови, а кажавте и дека имате сопствена програма, на социјалните мрежи ја нарековте „ОХРИД, Општина за ВАС“?
Охрид од секогаш бил и ќе остане на граѓаните, тие се срцето и душата на градот, оние кои му даваат живот. Мене како охриѓанец, а верувам и голем дел од моите сограѓани долги години наназад не прати чувство дека функционирањето и промените во градот се случуваат без никаква инволвираност на граѓаните. Без да се земе во предвид мислењето, идеите и предлозите на луѓе кои со години живеат, работат, водат бизниси и вложуваат во нашиот град. Тоа мора да се промени.
На секој кој има аспирации да го води нашиот град, треба да му е јасно дека општината и оние кои ќе бидат на чело на истата се избрани и поставени од граѓаните, кои го даваат својот глас и маскимална доверба со надеж дека ќе живееме во подобар, поуспешен и понапреден Охрид. И токму поради тоа достапноста и отворените врати за секој охриѓанец, транспарентни процедури и инволвираност на различни мислења и предлози во секоја иницијатива, проект и план поврзан со функционирањето на градот, не смеат во ниеден момент да се доведат во прашање. Отворена општина, општина во која активно ќе учевствува секој кој сака да придонесе за градот, е мојата идеа.
Верувам дека одредени луѓе скептично ќе гледаат на оваа изјава, но оние кои ме познаваат, огромниот број на луѓе со кои секојдневно се среќавам и комуницирам, се сведоци дека сум тука, меѓу народот, достапен и спремен за раговор, помош и сугестии на оние на кои им се потребни. И доколку ми се укаже чест да бидам номиниран од мојата партија, можам да ветам дека ќе биде слушнат секој проблем, секоја забелешка и предлог на граѓаните на Охрид, бидејќи тие го заслужуваат тоа, Охрид да биде на охриѓани.
Охриднет: Кои се Вашите мотиви да бидете на позицијата градоначалник на Охрид?
По природа сум човек кој сака да го види доброто во луѓето и да најде објасување за постапките, дури и на оние кои се дијаметрално различни од мојот начин на размислување и верувам дека луѓето кои претходниве години беа на чело на општината , беа со добри намери. Но очигледно е дека досегашната поставеност, организација на работата и начин на функционирање, не е продуктивна, не вроди со плод и не ги даде очекуваните резултати.
На Охрид му се потребни нови идеи, нова енергија, нови луѓе. Моето мислење е дека градоначалничкото место треба да го завземе човек кој има широки познавања, како од сферата на легислативата, финансиите, административната организација, така и од сферата на културата, туризмот, спортот… Човек кој има контакт со меѓународните организации, кој ќе привлече голем број познати и признати брендови во различни сфери, да инвестираат во нашиот град.
Секојдневно сум сведок и многу често активно учевстувам во дискусии со пријатели, познаници, на теми за начинот на функционирање на општината, каде се греши, на кој начин треба да се решат одредени проблеми, дека треба да се направат големи промени, но сето тоа до сега останува само на теорија. Мислам дека дојде момент кога треба да застанеме цврсто и одлучно, да дадеме максимални напори и да добиеме можност овие теории да ги претвориме во пракса, да направиме промени кои ќе се забележат, кои ќе го вратат животот во Охрид.
Можеби ќе звучи нескромно, но јас лично верувам дека моето досегашно животно искуство ми дава за право да сметам дека ќе ја извшувам оваа функција донстоинствено и успешно. Себеси се сметам за одговорен, дисциплиниран, максимално посветен човек, со визија и стратегија за постојан напредок и творење како во водење на мојот долгогодишен фамилијарен бизнис, организација и функционирање на стручната работа со мојата адвокатска канцеларија, така и на приватен план. И токму тоа стекнато искуство и начин на организација, кој се покажа како успешен за мене, сакам да го пренесам во работата на општина Охрид. Мора да внесеме нова позитивна енергија, да направиме драстични промени, нови идеи и нов начин на функционирање, да го „размрдаме“ градот и конечно секој од нас да го почувствува благодетот и привилегијата од живеењето во Охрид.
Охриднет: Доколку ја добиете номинацијата од ВМРО ДПМНЕ, што поразлично ќе понудите од досегашното владеење во општината?
Почетокот на изнаоѓање на решение на било кој проблем е моментот кога стануваме свесни за истиот, моментот кога ќе го лоцираме коренот на истиот и прецизно го одредиме. Во тој случај со темелен пристап, концизен план и максимална посветеност се очекуваат позитивни резултати и решавање на се она што до сега претставувало и ќе претставува во иднина пречка за напредокот на Општина Охрид.
Сведоци сме на секојдневно излагање на локалните власти за големиот број на проблеми со кои се соочува нашата општина, почнувајќи од финансиката задолженост на општината и јавните претпријатија, кои најчесто служат како оправдување за неагилноста и недоволната ангажираност за решавање на истите.
Реално проблеми постојат, свесен сум и јас и голем дел од граѓаните, но време е тоа да се промени, време е да се „помрднеме“ од мртвата точка во која се наоѓа нашиот град подолго време и чекор по чекор да му го вратиме вистинкото лице на Градот на Унеско. Во нашата општина веќе работат голем број на професионалци во секоја област на функционирање и верувам дека со вистински човек кој ќе ги води, низ правилно трасирана патека, нема да има проблем кој нема да се реши и план и проект кој нема да се реализира.
Јас сум цврсто одлучен и спремен да направам големи промени, значајни чекори и отстапувања од досегашниот начин на функционирање на локалната власт, бидејќи Охрид и охриѓани го заслужуваат најдоброто.
