Михаил Трендафилов Нанче прв кандидат за градоначалник на Охрид

Михаил Трендафилов Нанче е првиот официјален кандидат за градоначалник на Охрид.

Познатиот градски бизнисмен ја доби довербата на политичката партија Граѓанска демократска унија. 

Нанче ги повика охриѓани – време да изградиме општество на рамноправни луѓе! 

-„Какво посебно задоволство! Кандидат на нова млада партија, неизгнасена, без хипотеки, во друштво со млади луѓе, авангарда, иднината на Македонија!

Граѓанско Демократска Унија- с è е кажано. Време е дефинитивно да изградиме општество на рамноправни луѓе, ослободено од секаков вид на измами. Општество спремно за културен натпревар, унија, па нели се стремиме кон ЕУ! Дури не изградиме наша унија, додека не сфатиме дека заедно сме посилни, дури не изградиме среќен дом, нема што да бараме во Европа.
Наша цел е да ги обединиме сите прогресивни сили, посебно од СДСМ и ВМРО, да им се даде црвен картон на ретроградните во нивните редови и да излеземе од овој жив песок. Да почнеме од Охрид. Премногу утопистичко, но тоа сум јас. Се почнува од невидливото, од мислата, па ајде.

Во разговорите со пријатели провејува „ тоа се големи партии, тешко е“. Па сигурно не се родија големи, сè почнува од невидливото. Нели најголема радост е новата рожба, па радувајте се. Моментално и двете големи партии работат за нас. Толку гнасотии си извадија да се чудам како воопшто Македонија опстојува. Ако после 28 години не сфаќате до каде се не донесоа, нека ви е со среќа.

Тешко е, па кој вели дека е лесно. Во големите проблеми се големите можности. Да е лесно не ќе е интересно.

Забележувам во блиски луѓе страв. „Ќе ти помогниме ама да не се појавуваме“. Страшно, жалосно што е посеано во овие 28 години.
Затоа мој народе доста е. Пред да излезете на гласање поминете пред бистите на Узунов и Патчев. Дали можете да ги погледнете во камените очи?

За крај како претседател во заминување од ГЗ СОВЕСТ да ви ја кажам можеби и главната причина зошто прифатив кандидатура, големата поразителна вистина за Охрид: СДСМ и ДУИ се испазарија за Охрид, јас тебе минаре, ти мене гласови. ДПМНЕ запржи, СДСМ заврши. Институциите се посрамотија, но ако бидам избран, јас ќе се борам за доследна примена на законите“, рече Нанче во своето прво обраќање. 

Пред присутните се обрати и претседателот на партијата ГДУ Петар Колев. 

-„Граѓанско Демократската Унија-ГДУ, е релативно млад политички субјект, и како таков за мене е огромна чест и задоволство што за толку краток период успеавме да изградиме сериозна партиска структура, да ја изградиме и зацврстиме нашата политичка филозофија и да предложиме реална алтернатива на нашето општеството.
Пред нас претстојат избори за градоначалник на Охрид, но пред да го промовираме името на нашиот кандидат, за којшто сме убедени дека ќе победи на претстојните избори, бидејќи тоа не е само наше мислење, тоа е мислењето на охриѓани кои на сите анкети му даваат убедлива предност, би сакал да спомнам неколку факти од реалноста кои не предизвикаа да се вклучиме во оваа политичка битка.
1. Охрид е балканскиот Ерусалим, градот- бисер на Македонија, нашиот најпопуларен туристички центар и логично би било Охрид како град, но и охриѓани да се најбогатата општина и едни од побогатите граѓани на Република Македонија.
Но дали е тоа така? Фактите велат дека Охрид е една од најзадолжените општини, а можеби и најзадолжената во Македонија.
Дали охриѓани се доволно богати?
Можеме да споредиме со фактот дека Охрид е град со најсилна тенденција на иселување во Македонија и особено иселување на младите луѓе од градот.
Ова е резултат не на глобалното затоплување, климатските промени или на светскиот заговор, ова е резултат на недомаќинското и неодговорно работење на досегашните татковци на градот и тоа е вистината!
2. Охрид како град под заштита на УНЕСКО би требало да е најсредениот, најчистиот и најподредениот град, но дали е тоа така?
Повеќе од 27 години градот не може да го реши проблемот со колекторскиот систем, и редовно секоја сезона, конкурентните туристички центри особено од соседните земји го користат овој факт како аргумент за оцрнувачка кампања против Охрид.
Ова исто не е предизвикано од надвор или не знам од каков заговор, ова е проблем кој постои поради несовесното и неодговорно работење на досегашните градоначалници и тоа е вистината.
3. Охрид како наш бисер, како гордост на Македонија за него треба сите да се грижиме и да го чуваме, но и да се гордееме со неговата убавина и историското и културно наследство.

Урбаната мафија, непочитувањето на законите го урнисуваат охридскиот шарм и убавина. Иако веќе некако можеби се помиривме со незаконските градби на згради, хотели и слично, стигнавме до незаконски градби и врз културни, историски и верски објекти кои се заштитени најстрого со закон. И тоа е вистината!
Некој упорно газејќи го законот сака да го смени обликот на градот и да предизвика верска нетрпеливост. Тоа е вистината! Ова е одговорност како на институциите така и на досегашните први луѓе на Охрид. Би можел многу да набројувам но тоа нема да ги реши проблемите.
Зошто потенцирам за секој пример дека тоа е вистината?
Ние како ГДУ сме убедени дека вистината ќе не направи слободни, ние мораме да ја погледниме вистината во очи, да ги прецизираме и констатираме проблемите за да најдеме решение за нив. Иако градот доста години беше предводен од лекари, за кое е логично како во медицината тие знаејќи ја дијагнозата т.е. проблемите на градот, да предложат кокретни решенија, за жал само проблемите се продлабочија и тоа е резултат на нивната нерешителност и неодговорност.
Дали ние сакаме задолжен Охрид? Дали охриѓани сакаат решени комунални проблеми? Дали законите треба да важат за сè со иста сила ?! Ова се прашања со кои компромис нема!
Затоа Граѓанско Демократската Унија за свој кандидат на претстојните избори го поддржува Михаил Трендафилов-Нанче. Човек со карактер, волја, јасна визија и желба за промени! Човек со достоинство и чест, кој е готов да се спротивстави и на проблеми од кои другите дали од страв или поради нивното властољубие или среброљубие успешно бегаат преку годините! Човек кој знае да каже не! НЕ на незаконието, неправдата, нечесноста, лицемерието!
Тоа е вистината почитувани охриѓани! Вие го познавате Нанче најдобро од сите нас, вие ги знаете неговите особини, неговиот борбен дух и желба да се спротивстави на неправдата!
Почитувани охриѓани, вие на овие избори имате избор! Имате алтернатива! Вие знаете дека ова вака повеќе не може и потребно е да се стави крај на ова општествено лудило. И не само тоа, вие ја имате одговорноста, но и честа од тука од вечниот Охрид да го започнете процесот на промени, бран кој ќе ја разбуди цела Македонија.
Многу важни нешта за Македонија започнале од Охрид и сум убеден дека и овој процес на промени ќе започне токму од тука.
Убеден сум дека охриѓани ќе испишат со златни букви во историјата, со својата храбост и решителнот дека граѓаните на Македонија како суверени како сопственици на ова парче земја решиле да си ја вратат во свои раце.
Почитувани охриѓани, Охрид е вашиот дом! Размислете и изберете, вие решавете! Нека со заеднички сили успееме Охрид да го зачуваме и изградиме како дом и за идните генерации охриѓани, вашите деца и внуци!
Со Нанче како градоначалник да го вратиме сјајот и достоинството на Охрид!“, рече Петар Колев, претседател Граѓанско Демократска Унија-ГДУ.

Охриѓани размислете вие решавате, повика претседателот на ГДУ Охрид Крсте Ристески.

-„Целта на денешното собирање е промоцијата на нашиот кандидат за градоначалник на Охрид, како и отварањето на новата канцеларија на локалниот клуб на ГДУ-Охрид која се наоѓа на улица Партизанска бр.8/4 наспроти универзитетот „Св. Апостол Павле”.
Отварањето на нашата канцеларија е со цел да бидеме поблиску до вас нашите сограѓани, да ги слушниме вашите предлози, видувања, проблеми , но и во една дирекна комуникација и разговор да помогнеме, да дадеме сугестии и предлози со кои заедно да го вратиме епитетот „Охрид најубав и најбогат град во Македонија!“ .
Како политичка партија сме ориентирани центар кон десно и сме во соработка со групацијата АКРЕ ( Европските Конзервативци и Реформатори) кои се третата по големина Европска парламентарна група и како такви тежнееме да ја ограничиме власта и моќта на владата и функционерите и да го издигнеме поединецот-човекот, граѓанинот со сите негови потреби очекувања и предизвици како фундамент на општеството.
Веруваме дека нашите идеи се единствената алтернатива на овој компромитиран, корумпиран, криминален и исцрпен од содржина модел на општество и имаат иднина доколку сме свесни како ѓраѓани дека злото си има име, а тоа е двоецот ДПМНЕ-СДСМ.
На жалост живееме во време каде што сè, се политизира и сè, станува предмет на политика, притоа заборавајќи дека некои работи треба да се постигнат со консензус, како што е владеењето на правото, здравството, образованието, приватната сопственост, правото на живот и достоинство и.т.н.
Едноставно овој начин на живот се должи на нашиот комфорт и пред се на стравот, страв поединецот да го искаже своето мислење, но и да се спротистави јавно на врежаното мислење од само провоизгласените авторитети.
Едноставно овој страв ја игра улогата на самонаметната блокада и парализа на луѓето. На некои тоа можеби им одговара, но тоа сигурно не се граѓаните.
Точно поради оваа причина преку нашите примери како Конзервативци и Реформисти, ќе се бориме од градот Охрид и охриѓани да направиме слободни и горди граѓани, кадешто секој поединец ќе биде господар на своето време и ќе може да ги постигне своите соништа и идеи без сеопфатна државна интервенција.

Со други зборови, време е ние како охриѓани да ја пензионираме оваа квази- демократија која 28 години ни ја сервираат двете најголеми сестрински партии СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ.
Охриѓани, размислете и изберете! Вие решавате!„, подвлече Ристески. 

 

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани