Само два дена после првиот круг локални избори, испадна дека „заедно напред за Охрид“ и „за убав град – Охрид повикува“ биле само обични букви на хартија, обвини денес Охрид ЅОЅ.
-„ Паркот кај основното музичко училиште е еден од ретките преостанати зелени оази во градот. Или веќе не. Фотографија споделена од наш сограѓанин каде што се исечени скоро сите дрвја. На интернет страницата на Општина Охрид никакво известување, не е објавена никаква одлука од комисијата нити било какво соопштение зошто се сечат дрвјата. Нема потреба од известувања, и така транспарентноста е само предизборно ветување. Во работен ден не постои“, обвинија од Охрид ЅОЅ.
Од Охрид ЅОЅ запрашаа:
–Константин Георгиески – официјална страна и Д-р Митре Милошевски – кандидат за градоначалник на Охрид – за што ќе барате гласови во вториот круг? За нови сечи? За редуцирање на зелените површини? Што е напредно, бетонирање на целиот град? Каков убав Охрид кога не оставате ништо убаво во него? И најжално, не сте ги ни саделе нити ваделе дрвјата. Ги посадил некој со визија, а вие само да исечете, со некакво банално оправдување и да продолжите понатака. Зошто нема консултации, јавна анкета, или јавното мислење не е битно? Каде се стручните лица, дали некој воопшто ги консултира? Зошто нема садење нови садници, на едно исечено дрво неколку нови?

„Спроведуваме еколошки мерки, обезбедуваме чиста животна средина и зачувување на природата, зошто таа е клучна за нашиот регион и за здравјето на граѓаните“ – стоеше во еден од споделените флаери, што, откако ќе се види фотографијата, делува лицемерно, пишуваат од невладината.
–„Спроведувате сеча. Барем не лажете. Немојте да ги навредувае разумот и интелигенцијата на вашите сограѓани. Спроведувате инвазија на природата, преку (обидот за ) легализација на приватни дивоградби на брегот на Охридското Езеро. Спроведувате узурпација на крајбрежјето, на јавните површини, редуцирање на зелените површини. Нема кривични пријави за палењето на трската во Свети Стефан, Далјан, кај Подмолје. Нема казни за оние кои прават диви депонии низ Национален парк Галичица и на други локации низ општината. Има само зборови отпечатени на хартија“, велат од Охрид ЅОЅ.
Инаку вчера со одлука на комисија при општина Охрид се исекоја поголемиот дел од дрвјата во паркот кај музичкото училиште во Охрид.
