Беба Стојаноска -шампион во читање книги во Охрид

Охридската библиотека го одбележа 23 Април Светскиот ден на книгата и авторското право.

 

Традиционално и НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид и годинава се вклучи во одбележувањето на Денот на книгата.

Книгата е врска меѓу минатото и иднината. Преку неа ја изразуваме нашата почит кон творештвото и литературна традиција што ги постави темелите на светската книжевност. Наша недвосмислена желба е да ја прославуваме книгата заедно, со нашите соседи и со целото човештво, токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање на заеднички вредности и подобра заедничка иднина. Датумот има цел да ги промовира книгите, да ги поттикне издавачите и да укаже на заштитата на авторското право.23 април (Денот на розите) е неслучајно одбран како датум уште во далечната 1923 година во Шпанија, кога продавачите на книги меѓусебно се договориле да му искажат почит на познатиот автор на „Дон Кихот“ – Мигел де Сервантес, кој починал токму на оваа дата. Идејата поттикнала менување книги наместо рози, како што проповедала дотогашната традиција за Празникот на розите.

Подоцна, во 1995 година, УНЕСКО се решава да го официјализира датумот како Светски ден на книгите, поради Каталонскиот фестивал во Шпанија, смртта на Мигел де Сервантес, но и смртта на Вилијам Шекспир, токму на истиот овој датум.
Пораката на госпоѓа Одре Азуле, Генерален директор на УНЕСКО по повод празникот на книгата и авторското право ја прочита директорката на библиотеката Гордана Змејковска. Во неа Азуле вели: – Книгите се исто така форма на културно изразување кое им дава живот на јазиците и се изразува преку нив. Секоја книга е создадена на посебен јазик, наменета за своите читатели. Така секоја книга е напишана, произведена, разменета, искористена во дадена лингвистичка и културна рамка. Оваа година акцентот е ставен токму врз овој важен аспект, бидејќи 2019 година е прогласена за Интернационална година на автохтоните јазици, поддржана од УНЕСКО, за реафирмирање и поттикнување на меѓународната заедница да им помогне на автохтоните народи да ги сочуваат својата култура, своите знаења и своите права.
Овој ден е добра можност заедно да размислиме како подобро да ја шириме писмената култура и да му овозможиме на секое живо суштество, мажи, жени и деца, пристап до неа, велат од охридската библиотека.


Со ваков дух на инклузија и дијалог е анимиран градот Шарјах во Обединетите Арапски Емирати, престолнина на книгата во 2019 година. Неговото назначување се активира на денешниот Светски ден на книгата и на авторското право за 2019 година. Шарјах го привлече вниманието со својата програма „Читајте, вие сте во Шарјах“, којашто е наменета за маргинализираните групи за кои е подготвена креативна програма, со цел да се поттикнува популацијата со емигранти за да се вклучи во општеството во креативноста и во почитувањето.

Традиционално овој ден со себе ја носи и националната – нашата македонска порака која годинава од својата душа ја запиша на белиот лист хартија познатиот режисер, писател и фотограф Милчо Манчевски. На свеченоста во библиотеката ја презентираше Милчо Јованоски: …

Книгите ми помогнаа да си ја повратам рамнотежата и да си го најдам местото во светот. Не е важна само информацијата што ја добиваме од книгите – иако информацијата која се пренесува од колено на колено е она што ја прави цивилизацијата цивилизација. Важно е чувството што книгата ќе ти го донесе во срцето. Чувството на припаѓање. Припаѓање на свет кој е исто толку богат и важен колку оној во кој престојуваат твоите крв и месо. И открив дека тоа припаѓање беше клучно за мојот опстанок тогаш. И откривам дека е клучно за мојот опстанок сега, стои во пораката на Манчески.

Ова е топ листата на најчитатели за 2018:

Шампион во читање е Беба Стојаноска со 167 книги. Таа е најредовниот читател со најмногу зинајмени книги минатата година.

По неа следи Билјана Стојановска со 129 прочитани книги и
трета најредовна читателка е Александра Манева со 94 прочитани книги во една година. 

Сите читатели кои вчера го  посетија  пултот за изнајмување книги добија и подарок – се разбира книга.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани