Во Охрид изгрева зората на слободата, нагласи Нанче на денешниот прес
Почитувани сограѓани, вистината сите ја сакаат, но повеќе и веруваат на лагата.Сметам дека сѐ е кажано.Првиот круг на локалните избори заврши. На Запад ништо ново, сѐ е веќе видено, рече Михаил трендафилов Нанче од Граѓанско Демократска Унија- ГДУ.
– Но види чудо пред војска од испиени, истоштени, исплашени, светнуваат 1700 кристално чисти охридски бисери. Гласови- богатство. Бисери кои ми даваат за право да мислам дека во Охрид конечно се раѓа нешто ново, ново семе, дека изгрева зората на слободата. Се чувствувам како морален победник, морален богаташ наспроти тендерските богаташи. Друга приказна е што денес моралот се доживува како маана. Воедно горд сум со тоа, што во оваа трка влегов со ГДУ. Партија која си ги покажа туку што изникнатите запчиња на една година. Партија- авангарда од млади луѓе полни со љубов, вистина, ентузијазам, без никакви хипотеки. Партија која ја следи идеологијата на ЦДУ на Ангела Меркел, ако тоа нешто ви значи. Партија со претседател од модерен европски ков, изјави Нанче.
За крај ги повикувам моите 1700 охридски бисери, достоинствени и горди какви што се, да гласаат како што им налага нивната душа, срце и разум. Ние од ГДУ нема да се пазариме со вашата доверба! Ви се заблагодаруваме и ве уверуваме дека ќе ја зголемиме и оправдаме со нашата работа, до некои подобри времиња, им се обрати Нанче на охриѓани.
