Според анализите на општина Охрид оваа сезона во Охрид имало повеќе туристи во однос на лани.
Бројот на посетители за месеците jуни и јули 2019 година изнесува 96.190, што е за 9.2 проценти зголемена посетеност оваа година во споредба со истиот период лани. Вкупно остварените ноќевања за двата месеци од 2019 година се 407.991, што е за 5.2 проценти раст во споредба со јуни и јули 2018 година., информираат од Општина Охрид.
Најголем број гости имало во Турција, а потоа следат Полска и Холандија. Од Турција имало 15.646 посетители, од Полска 7.031 и од Холандија 6.222.
Општината преку низа проекти ќе се обиде да ја збогати туристичката понуда на градот. Со ова престојот на туристите во Охрид ќе биде попријатен и исполнет.
„Во тек е изработката на новата Стратегија за развој на туризмот која ќе даде
нови насоки за напредок во оваа сфера, а планирана е изработка на Анализа на
економскиот импакт на туризмот. Со цел подигнување на квалитетот на туристичката инфраструктура, Општина Охрид пристапи кон обезбедување бесплатен интернет пристап на шест најпосетувани локации во Општина Охрид. Исто така се пристапи кон подигнување на квалитетот на сигнализација на туристичките места преку поставување информативни табли на 82 туристички локалитети (културно – историски споменици) во градот. Постапката за поставување на таблите е започната и истата се одвива со одобрение од Министерството за култура. Исто така, во делот на подобрување на туристичката инфраструктура, општината ќе пристапи и кон подготвување на концепт проекти, со кои ќе се аплицира на сите достапни меѓународни програми и фондови за поддршка во оваа сфера“, велат од локалната самоуправа.
Во делот на организација на туристички настани, оваа година беа реализирани
манифестациите Гастро тура „Taste Ohrid“, „Охридска Софра“, „Денови на мед“,
„Вино и сирење“ и „Охрид крафт експо“, додаваат од општината, но и неколку важни спортски настани.
