Свечена академија во чест на патронот на Охрид

Со свечена академија во чест на Свети Климент Охридски –заштитникот на Охрид, вечерва во НУЦК “Григор Прличев“ се одржа централниот настан од празникот на градот и Македонската Православна Црква –Охридска Архиепископија.

Пред бројните гости од дипломатскиот кор, пратеницi и граѓани, се обрати градоначалникот Константин Георгиески.

– Вечерва Охрид и Македонија слават. Чествуваме и се поклонуваме пред просветлението, хуманоста, знаењето и моралноста. Го славиме учителот и светителот, заштитникот на нашиот град и Македонската православна црква, милениумскиот духовен водител, иниспиратор и бдејач над Македонскиот народ – нашата најчиста поврзаност со Бога, великиот – Свети Климент Охридски. Нека ни е честит и вековит празникот.

Почитувани  пријатели, ви благодарам за вашето присуство, заедничи да го одбележиме нашиот најголем празник. Им благодарам и на сите кои не можејќи вечерва да бидат со нас, ни испратија срдечни честитки.

Почитувани присутни,

Во многуилјадното битисување на Охрид, низ неговите цивилизациски пластови свој белег оставиле неимари и војсководци, цареви и освојувачи, владетели и духовни водачи, кои со своите дела ја  моделирале  вечноста на овој град. Грандиозното и божествено дело на Свети Климент Охридски  по својата просветителска, хуманистичка  и посебно духовна вредност, ги надминува сите негови претходници и сите негови наследници и е најцврстиот темел за нашата посебност во севкупната човечка цивилизација. Свети Климент е хуманист и просветител, световен човек и светец, зошто … “по целата таа  земја растеа диви дрвја, а имаа нужда од облагородени плодови, тој неа ја удости и со такво богатство, пресадувајќи секаков вид питоми и плодородни дрвја и облагородувајќи ги дивите со калемење. Пресветиот Климент го направи тоа, за и на тој начин да ги поучи човечките, словенски души да го примат во себе сокот на благотворението“… ќе запишат неговите ученици во пофалното слово за својот учител, метафорично укажувајќи дека световното и светото преку Свети Климент Охридски се возможни како човечка и божја хармонија во едно.

Токму таквиот пристап на Светителот кон својот народ и кон Бога ќе ни ја остави во наследство  највозвишената морална и  љубовна порака…..“ да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта, без да имаме непријателство со никого; не, да се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно….“.

Драги пријатели,

Деновие Охрид живее  во духот на својот учител, во духот на својот заштитник Свети Климент Охридски. Го славиме  најголемиот етичар и хуманист, првиот словенски архиепископ, втемелувач на Охридската архиепископија – олицетворена во сегашната Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Го славиме светителот и просветителот кој со своето дело Охрид го претворил во центар на ширењето на сесловенската писменост и култура, што претставува драгоцен придонес во светското културно наследство. Овој вонвременски великан, човекољубец и просветител ни го подари писмото како основен белег на нашиот идентитет, а на Европа и ја подари суштината и вредноста на и сега почитуваната Светиклиментова школа на хуманизмот.

 

“Само од добар корен, никнува здрава фиданка“ – ќе запишат учениците на светителот, основачот на првиот словенски универзитет и како сончеви зраци ќе се распостелат низ Европа за да го шират словото Божјо и човечката наука. Просветлени со знаењето на својот учител Свети Климент Охридски, овие здрави фиданки со мечот на вистината, ќе ја одделат светлината од темнината, укоста од неукоста, доблеста од слабоста, а со тоа на Европа ќе и подарат фундамент на кој и денес почиваат нејзините цивилизациски вредности.

 

 Драги сограѓани, уважени гости,

Македонија и македонците низ столетијата поминале многу премрежја и ветрометини, на кои секогаш одговареле со кроткост, милосрдие и човекољубие. Но, не затоа што е тоа некаква маленкост, помала вредност или потчинетост. Не драги мои. Тоа е затоа што ние сме кротки но одлучни, нежни но цврсти, трпеливи но непоколебливи. Тоа е нашиот генетски запис и културен код всаден од нашиот Свети Климент Охридски, како најдобар патоказ да истраеме низ сите премрежја, падови и  воздигнувања . Верувам дека како генерација успеваме да истраеме на Светиклиментовата порака и ќе знаеме истата да ја пренесеме на следните генерации. Нека ни е честит и вековит Светиклиментовиот ден – истакна во своето обраќање градоначалникот Георгиески.

Највисокото општинско признание наградата “Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“, годинава постхумно му беше доделена на прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски, а во името на семејстовото, наградата ја прими неговата сопруга Надица Стојаноска.

Добитници на повелбата “Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“, годинава се Виолета Петкоска, професор по одделенска настава во ОУ “Кочо Рацин“ и Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид.

Академијата продолжи со културно – уметничка програма, подготвена од учениците од средното училиште што го носи името на патронот, а  насловена како “Љубовта на повеќе јазици“, како што и самиот Свети Климент со целото негово знаење и умеење се залагал за просветлување преку добродетели, богонаравија и евангелиска заповед на љубовта.

Свеченостите продолжуваат и утре со поклонение пред моштите на Свети Климент на Плаошник и полагање на свежо цвеќе пред спомениците na светецот во ОУ “Св.Климент Охридски“ и на градскиот плоштад.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани