ОХРИД ЅОЅ будно го следи и објавува секој градежен чекор на охридското крајбрежје.
Овој пат реакција за градежни активности на плажата Оревче во Градиште.
Го пренесуваме во целост:
-На почетокот на оваа година, Влада на Република Северна Македонија го донесе Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029 г.), со акционен план, со кои се обезбедува имплементација на сите препораки на УНЕСКО. Ги потсетуваме Edmond Ademi, Константин Георгиески – Градоначалник на Општина Охрид и сегашниот технички премиер Oliver Spasovski на што се обрзаа (во случај да заборавиле).
На страница 114 од документот се наоѓа мапа каде е јасно видливо дека Градиште се наоѓа во зоната I-a. Во оваа зона меѓу другото Е ЗАБРАНЕТО:
– деградирање и уништување на природните живеалишта, особено на местата каде животните и птиците мигрираат, се размножуваат или престојуваат; особено се забранува сечење дрвја, кршење, оштетување, уништување, сечење, откорнување вегетација, а особено на крајбрежна вегетацијата, палење на трска итн.
– забрането преградување на крајбрежното земјиште на начин кој придонесува кон сушење и деградирање на водните и блатните живеалишта, затрупување на изворите, мочуриштата и другите водни живеалишта
– тампонирање крупен или ситен тампон и насипување песок, како и изградба на бетонски и камени ѕидови (валобрани), освен на постоечки локации определени за таа намена
– изградба на објекти од привремен и траен карактер, освен изведување на работите на реконструкцијата на колекторскиот систем
– поставување урбана опрема што може да го наруши пределот или да извршат негативни влијанија врз природните процеси на езерото
– забрането изведување марини и пристаништа
Дека сево ова е (засега) само текст на хартија, pro forma документ кој е донесен само за да се одглуми конструктивност пред UNESCO, International Council on Monuments and Sites (ICOMOS), IUCN и домашната јавност покажуваат последните активности во Градиште. Наместо да се почитуваат препораките од Планот за управување, се дозволува обратното. Не само што не се делува кон доведување на тој предел во рамките на пропишаното од погоре, се дозволува на правните или физички субјекти кои стопанисуваат со плажите да вршат ГРАДЕЖНИ ЗАФАТИ. Последен пример е и најавата на Плажа Оревче дека викендов ќе вршеле градежни активности.
Дали постојат овде привилегирани поединци и групи, кои се изземени од сите овие планови, уредби, закони и акти? До кога со олкаво лицемерие и директна навреда кон здравиот разум? Дали воопшто некогаш ќе застанете во одбрана на јавниот интерес? Или само купувате време, надевајќи се дека секое чудо ќе заврши за три дена? До кога ќе делувате ОТКАКО ќе реагираат жителите на општината и регионот и ќе ги споделат вашите прикриени дејности? Со кое право ќе барате следен мандат од вашите сограѓани?“, прашуваат од Охрид ЅОЅ.

Сопствениците на плажата одговорија на социјалните мрежи: „ Под градежни активности мислиме на уредување на тоалети, фарбање мост и лакирање столици, па како термин избравме градежни активности,што може вам ви звучи неприкладно. Дополнотелно, известувањето е повеќе поради обидот да одвратиме посетители затоа што минатиот викенд имаше по 100тина на ден и никој не почитуваше мерки, па за да не ни се направи пак гужва се решивме да поставиме известување. И на крај, Известувањето е објавено пред да се објави полицискиот час па затоа се опфатени три дена, ама во ситуацијава испадна дека се однесува само на сабота. Од Охрид СОС во иднина очекувам заради коректност да се јават и да прашаат пред да објават и да коментираат, а надлежните нека проверат слободно за да се уверат дека 10 години со ништо кај нас не е загрозена природата или животинскиот свет“.
