Согласно одредбите од Планот за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година,
Општина Охрид и сите основни и средни училишта на подрачјето на општината навремено ги започнаа сите потребни подготовки во пресрет на почетокот на новата учебната година.
Општина Охрид веќе подготви преглед за спроведување на воспитно-образовниот процес според сите протоколи за време на пандемија и врз основа на барањата за настава со физичко присуство за учениците од четврто до деветто одделение и за учениците од средните училишта. Овој преглед со барања, општината денеска го достави до Комисијата фoрмирана од Владата на Република Северна Македонија, која во рок од седум дена треба да донесе одлука во кое училиште ќе може да се организира наставата со физичко присуство.
Барањата за организирање на настава со физичко присуство, охридските училишта ги имаат направено врз основа на просторните услови, бројот на ученици и анкетите на родителите, кои биле спроведени во текот на изминатиот период.
Исто така, следејќи ги протоколите и мерките за заштита од „КОВИД 19“, Општина Охрид веќе започна постапка за набавка на средства за дезинфекција, термометри и сите други потребни материјали за здравствена безбедност на учениците и наставниот кадар, а пред почетокот на учебната година планирано е да биде извршена целосна дезинфекција на сите училишни објекти.
