Инклузија спроведува проект за градење толерантно општество

Тимот на здружението за мултикултурна интеграција, “Инклузија”, започна со активностите за реализација на проектот “Низ една призма – сите сме исти”, финансиран од Цивика мобилитас и Швајцарската агенција за развој, кој ќе се имплементира на територијата на општина Охрид, до крајот на месец мај.


Идејата е замислена согласно концептот “едно општество за сите”, а најголеми придобивки ќе имаат учениците и професорите од средните училишта во општината, како и останати млади и студенти.
Главната цел е насочена кон градење интеркултурно и толерантно општество на сите заедници кои гравитираат во овој регион: Македонци, Албанци, Турци, Египќани, Власи, Бошњаци и Срби, за да се изгради засилена меѓукултурна комуникација и дух на еднаквост и взаемно почитување.
Специфичните цели се однесуваат на зголемувањето на меѓукултурната комуникација и соработката помеѓу средните училишта, факултетите и останатите млади луѓе од општината, развивање на лидерските капацитети кај младите и нивно здобивање со капацитети за управување со носечки иницијативи, во насока на интеграција на заедниците, претставување на позитивните аспекти на живеењето во мултикултурна средина, засилување на меѓуетничката толеранција и препознавање на важноста на заедничкиот културен дух, кај нив.
Во текот на изминатиот месец беа одржани координативни состаноци со тимот задолжен за успешно и квалитетно спроведување на проектните задачи, а беа доставени и информативни писма за соработка со сите средни училишта во градот како и со универзитетот за информатички технологии “Св. Апостол Павле”, од каде што треба да произлезат главните човечки ресурси со кои ќе се врши проектната имплементација.

По добивањето позитивни одговори од страна на менаџментите на образовните институции, остваривме средба и со господинот Никола Митровиќ, директор на државниот архив на Република Северна Македонија – подрачна единица Охрид, кој во својство на значаен историчар и хроничар ќе обезбеди важни факти и податоци за развојот на обичаите, културата и традициите на погоре споменатите етнички заедници на територијата на градот.
Преку неговите приказни, ќе се направи online прошетка низ најзначајните објекти, која ќе има за цел запознавање на заедничкото културно историско наследство, под Самоиловата тврдина
Понатаму, во месеците што следуваат ќе се организираат пет работилници во средните училишта и една работилница во универзитетот “Свети Апостол Павле”, на следните теми: толеранција, дискриминација, предрасуди, стереотипи, насилство, говор на омраза, ефективна комуникација и соработка.
Исто така, ќе се организира и “толерантно кафе”, – дискусија на 20 млади луѓе со претставници на Македонската православна црква, Католичката црква и Исламската верска заедница, на теми поврзани со верската толеранција и заедничкиот соживот. Во тој дел, веќе се работи на интензивна комуникација со претставници на трите христијански заедници, кои ќе дадат голем придонес кон целите на кои се заснова проектот.
Меѓу другото, месецот мај ќе помине во знакот на одржување на дводневниот мултикултурен камп и на мултикултурната визита. Учесниците на кампот ќе се оспособат за развој на нивните лидерски вештини низ призмата на интеркултурниот дијалог и ќе градат критички однос, кон општествените промени.
Мултикултурната визита ќе биде финална активност во овој проект, со која ќе се презентираат резултатите пред јавноста. Предвидено е активноста да се реализира на градскиот плоштад, со цел гостите и на учениците да се дружат меѓу себе, да вкусат традиционални јадења и да слушнат и видат музика и ора од различни етнички заедници, како и да погледнат мултикултурна ревија.
Напоменуваме дека целокупните ангажмани ќе се одвиваат во согласност со сите протоколи на владата и на министерството за здравство на Република Северна Македонија, за заштита од ширење на вирусот Ковид 19, информираат од Инклузија.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани