Традиции и обичаи на Турците, во Охрид и охридско

Кон крајот на 14 век, со доаѓањето на Османлиите на просторот на Балканскиот полуостров започнало и масовно населување на турското население.

Со нивното доаѓање, пак, тие го пренеле и она што во вистинска смисла на зборот значи култура и традиција, што многу често биле пренесувани и кон месното население. Дел од тие традиции и обичаи биле прифаќани и станувале дел од секојдневието. Исто така, кога станува збор за јазикот, несомнено е дека покрај долгогодишното владеење на овие простори, во траење од скоро пет века, Турците, свесно или несвесно, му наложувале на месното население и дел од турскиот јазик, односно зборови кои и ден денес можат да се слушнат во употреба. Но, несомнено како посебна народност, тие на овие простори успеале да задржат и користат обичаи, традиција и култура кои ги разликуваат од другите народи. Бидејќи се работи за доста богата култура, која без дилема остава трага од светски размери, ќе се обидеме да споменеме само неколку обичаи кои често ги имало во просторот околу Охрид и охридско.

Особено значајно место во животот и опстанок на Турците на овие простори, заземал нивниот поглед кон она што значи брак и семејство. Така, во некои историски извори е запишано дека турската традиција се карактеризира со прилично рана возраст на брак. Во исто време, се верува дека мажот не треба да го намалува животниот стандард на неговата сопруга и затоа браковите меѓу претставници на различни социјални групи се доста ретки.
Од друга страна, сојузите во иста религиозна или етничка група се многу чести, иако меѓуетничките бракови сами по себе не биле невообичаени.

 

Низ традиционалното турско општество, не изостанувал ни обичајот, изборот на идните сопружници и сценариото за свадбената церемонија да ги вршат само главите или советите на семејствата, а самите младенци играат многу мала и незначителна улога. Во исто време, почитувањето на сите ритуали се сметало за исклучително важен елемент, како и благословот за брак од имамот. Свадбите траеле многу денови и се состоеле од неколку церемонии, во кои обично биле вклучени сите членови на семејството, а често и жителите на целата улица, па дури и на целото село.

 Во исламската традиција, младоженецот бил должен да плати откуп за невестата, иако веќе денес оваа традиција стана минато – износот на „калим“ се намалува во зависност од трошоците направени за венчавката или општото богатство на семејството, или едноставно им се пренесува на младите за развој на сопственото семејство. Во исто време, во патријархалните провинциски заедници, собирањето пари за откуп може да стане сериозна пречка за бракот. Затоа, доколку се следи самата постапка, тие се обидуваат да го официјализираат формално, на ниво на договор меѓу страните.

Гостопримство
Од овој аспект, не се препорачувало да се започне оброк или пиење чај без покана од сопственикот на куќата. Дури и да се пуши во компанијата без изречна дозвола на постариот човек или организаторот на состанокот, се сметало за непристојно. Музиката и песните можеле да ја одолговлекуваат церемонијата многу долго, но да ја разубават – Турците се многу музички и сакаат да свират музика во секоја прилика. Еден англиски амбасадор во 19 век забележал дека „Турците ќе пеат и ќе танцуваат секогаш, кога ќе можат да си го дозволат тоа“. Оттогаш, можеби многу работи се променети, но не и љубовта турското население кон музиката.

 

 

Турски традиции: правила за поздравување

Поздрав меѓу мажите.
Кога мажите ќе се сретнат за прв пат, тие се поздравуваат со ракување и гледаат право во очите. Прегратките и нежните тапкања на грбот, се прифаќаат меѓу пријателите и роднините. Можни се и бакнежи, на двата образа.
Поздрав меѓу жените.
На првиот состанок, доволно е лесно ракување. Ако жените се добро запознаени, тие разменуваат бакнежи во образ и лесни прегратки.
Треба да се спомене дека дел од традицииите и обичаите се измениле со самото време во целост, или тоа оставило само мала трага. Модерното општество, со сигурност укажува и на модернистички пристап и размислувања, Меѓутоа, секогаш постојат постулати на нивната култура и традиција кои се користат во целост. За културата на Турците на овие постори и нивните вообичаени обичаи, постојата повеќе пишани сведоштва и од патеписци како Евлија Челеби, до Алберт Сониксен, Ефтим Спространов и др.
Користени извори:
Турски обичаи, турска култура, семејни односи Турски обичаи и традиции – THESTRIP
Евлија Челеби – Патеписци за Македонија

 

Текстот го подготви м-р. Никола Митровиќ, директор на историскиот архив на Република Северна Македонија, за потребите на проектот “Низ една призма – сите сме исти”, кој се спроведува од здружението за мултикултурна интеграција, “Инклузија” од Охрид, финансиран од страна на Швајцарската агенција за развој и програмата Civika Mobilitas.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани