Втор Велигден во пандемија. Оваа година со полабави рестриктивни мерки.
Верниците, за разлика од лани ќе може да ги посетуваат црковните храмови. За Велигденските и Првомајските празници кои годинава се совпаднаа во Охрид се очекува голем број домашни гости.
Добар дел од хотелските капацитети и приватното сместување се веќе резервирани. Овие празници во туризмот секогаш се сметале како репер за тоа каква сезона се очекува на брегот на Охридското езеро. Ова лето ќе биде подобро во однос на лани, покрај домашните се очекуваат и туристи од регионот, прогнозираат туристичките работници. Но поради доцнењето на вакцинацијата ќе изостанат странските гости.
„ И ова лето ќе работиме со домашни гости, се надевам дека и туристите од земјите околу нас ке не посетат. Нема да биде како претходните години бидејки со два месеци туристичкиот сектор не мпоже да преживее. Охрид и Македонија пулсираше 12 месеци ние ги имавме гостите од април до крај на октомври Холанѓани, Полјаци, Израелци. Сега тоа го немаме ограничени сме со тоа што сме небезбедна држава особено за странските гости “, вели Филип Стефаноски туристички работник од Охрид.
Туристичкиот сектор од стартот на пандемијата бележи огромни загуби. Голем број компании банкротираа, затоа бараат поголема поддршка од државата.
„ Туристичкиот сектор е пред банкрот. Државата мора да биде наш ппартнер и мора да не поддржи. Покрај платите мора да издвои и дополнителна поддршка бидјеки пак и оваа година ке работиме само во текот на сезоната.Претходно работевме 12 месеци сега само два три и тоа не е воопшто доволно“, додава Стефаноски.
Според туристичките работници загрижувачки е тоа што Македонија поради малиот процент на вакцинирани граѓани и натаму ќе биде затворена за странските гости.
Новинар Соња Рилковска
