Според зацртаната динамика и интензитет на градба се очекува автопат Кичево – Охрид да биде завршен кон крајот на 2023 или почетокот на 2024 година, но неговата цена нема да се зголеми, односно ќе остане 598 милиони евра како што беше договорено во 2018 година.
Тој изврши увид во работите на автопатот заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
– 20 инфраструктурни проекти се готови и може на дваесетина нови позиции непречено да се работи. Она што го гледаме на терен се преку 356 градежни машини и над 730 работници, кои секојдневно работат за да го испорачаме овој автопат на граѓаните, нагласи Бочварски.
„Досегашната реализација е 322,4 милиони евра а реализацијата за првото тримесечје е 5,14 милиони евра. Сакам да истакнам дека сега почнуваме со голем интензитет и оваа година се надевам дека по одобрувањето на неколку проекти од инфраструктурата од страна на Министерството за транспорт и врски ќе има повеќе работа и активности што е многу важно за Коридорот 8“, вели Ејуп Рустеми.
-Од новиот автопат досега се асфалтирани 31 проценти од првиот слој на асфалтот, изградени се над 3.500 метри потпорни ѕидови, а ископот е завршен со 53 проценти. Завршени се дополнителни проекти за деветте клучки. Во тек е експропријацијата на земјиштето за косините, конструкцијата на тунелот е завршена, останува да се заврши електричната и инасталациона мрежа, изјави министерот Бочварски.
Автопатот почна да се гради во 2014 година и требаше да биде готов во 2018 година, но поради проблеми во проектот беше потпишан анекс на договорот со кој цената се зголеми за скоро 200 милиони евра, а рокот за изградба беше продолжен до јуни годинава. Бочварски најави нов анекс со кој рокот за изградба повторно ќе се продолжи. Автопатот го гради кинеската компанија Синехидро со кредит кој Македонија го доби од кинеската Ексим банка.
