Денес се одбележува Денот на Охридското езеро

Денес се одбележува Денот на Охридското езеро.

21-ви јуни  е денот кога се потсетуваме на големото значење на овој наш бесценет воден ресурс, но и јавно дискутираме околу неговата заштита. Целта на одбележувањето на овој ден е да се подигне јавната свест и да се покаже грижата за заштита на езерото од македонска и од албанска страна, но и да се покаже дека туризмот е базиран врз ендемизмот и еколошките услови што ги нуди охридскиот регион.

Инаку, годинава се одбележуваат 21 години од потпишувањето на Меморандумот за разбирање помеѓу општините Охрид, Струга и Поградец. Трите езерски општини во февруари 2000 година потпишаа декларација за заштита на Езерото и на 21 јуни со различни активности, наизменично секоја година го одбележуваат Денот на Охридското Езеро.

„Во изминатава година Езерото имаше два свои моменти. Прво, оној со УНЕСКО во кој се изместија сите вредности и вистини и се се сведе на некакви дивоградби кои во суштина не се унесков поблем туку проблем на нас самите и нашите изместени вредности и нефункционален систем. А вистината е дека загрозувањето на вредностите е заради легалните градби. И тоа парадоксално, најмногу заради оние ненаправените. И тој факт упорно го игнорираме. Вториот момент е донесувањето на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро. Прв во согласност со ЕУ директивите, изработен на билатерално ниво со програма од околу 100 мерки. План и мерки со кој општините и државите можат да обезбедат финансии за да ги решат горливите проблеми. План после кој нема што веќе да се мудрува за тоа што му треба на езерото затоа што се се знае и се е прецизно напишано. Целиот свет го поздрави донесувањето на овој важен документ и мерки. Само кај нас наиде на молк и игнорирање. Ете тоа е таа разлика, тоа се тие вредности кои овде никогаш нема да ги достигнеме и осознаеме“, напиша Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро на својот фејсбук профил. 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани