Жителите на Подмолје со денови без вода

Топлотниот бран и сушата ги остави „жедни“ жителите на селата Подмолје и Оровник во Дебрца. Со денови немаат вода за пиење и хигиена.

Проблемот е стар со децении,а се повторува секое лето, жителите на само неколку километри од Охридското езеро, немаат вода.

Се жалат, доток во чешмите има само во ноќните часови и тоа со намален притисок.

Мештаните, раскажуваат дека сами ја плаќале водоснабдителната мрежа, а постојано немаат вода.

-„Еве, повторно лето и ние со денови сме без вода и сношти и утрово нема ни капка. Се потиш работиш низ бавча треба да се искапиш, но не можеш“ вели Милчо Софрониески жител на Подмолје.

– „Сами плаќавме по 2000 марки за вода, а постојано сме без вода. Стварно на оваа горештина да немаш вода да се избањаш, тоа е страшно нешто“, вели Спасија Колеска жителка на Подмолје.

„Се соочуваме со проблеми вода нема доволно, проверете сами нема доволно вода“, вели Петре Софрониески жител на Подмолје.

-„Секоја година е исто, ќе има овде вода и одма штом се пушти ќе снема вода“, вели Ристо Атанасовски жител на Подмолје.

Во селото Подмолје има вили и апартмани со базени, кои не можат да сместуваат гости поради недостигот на вода. Жителите гневни, проблеми имаат и со неасфалтирани раксопани улици и осветлување.

-„ Патот не е направен само во кал газиме зимно време. Плаќаме за ѓубре, за нискоградба и сите даноци. Немаме пристапен пат и нема осветлување“, вели жителка на Подмолје.

-„Едниот пат е ископан кога се правеше Водоводот и не го поправија. Тешко е тесно е немаме пристап исто и другиот пат дојдоа се сликаа и си заминаа и еве со години ништо не е направено“, вели Воскресија Атанасовска жителка на Подмолје.

Од општина Дебрца велат од лани, започнале со решавање на проблемто со водоснабдување.

-„ Станува збор за стар проблем, со детектирани причини: системот уште во старт е граден со аномалии, појава на бројни дефекти и загуби на вода, немање на резервоар за Подмолје, нерационално трошење на водата за наводнување, диви приклучоци, со години не се преземале активности за решавање на проблемот, а бројот на корисници континуирано се зголемувал и др. Го решаваме од минатата година, направена е нова бушотина и бунар за обезбедување на дополнителни количина на вода. Работите се во завршна фаза и набрзо се очекува пумпната станица да биде ставена во функција“, вели градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески.

Новинар Соња Рилковска

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани