Иако ребалансот на буџетот на Општина Охрид беше усвоен од страна на Советот на Општина Охрид, преку транспарентна постапка и јавноста беше навремено информирана за сите детали, дел од политичките партии и медиумите, врз основа на безидејност, национализам и меѓуетничка нетолеранција, продолжуваат да шират лаги и невистини во врска со начинот на кој беа релоцирани дел од средствата во Програмата за спорт, кои се наменети за финансирање на спортскиот клуб ФК „Воска“, реагираат од општина Охрид.
Согласно Програмата за спорт одобрени се средства на:
-Градскиот Ракометен Клуб „Охрид“ 8.000.000 денари
-Градскиот Фудбалски Клуб „Охрид“ 6.000.000 денари
-Градскиот Кошаркарски Клуб „Охрид“ 1.600.000 денари
-Фудбалскиот Клуб „Воска“ 2.750.000 денари
како и на сите спортски клубови и здруженија на граѓани, врз основа на Јавниот повик кој беше објавен во месец ноември 2020 година.
ФК „Воска“ во текот на предвидениот рок за аплицирање на повикот, се натпреварувал во третата фудбалска лига, а во меѓувреме се пласираше во втората фудбалска лига. Во рамки на клубот функционираат младински фудбалски школи, кои даваат придонес за промоција и развој на спортот и креирање на здрави животни навики кај младите. Сакаме да ги запрашаме сите засегнати страни кои деновиве бурно реагираат за доделувањето на средства на овој клуб – Според кој критериум сметаат дека ФК „Воска“ треба да биде изземен од финансирање? Дали луѓето кои живеат на тој дел од градот се помалку вредни? Дали децата кои тренираат во тие фудбалски школи се помалку вредни од децата кои трењираат во другите школи?
Спортот е јавен интерес за сите граѓани на Охрид. Локалната самоуправа никогаш нема да прави поделби по било која основа и секогаш ќе биде објективна во носење на одлуки околу доделување на финансиски средства. Сите спортски клубови имаат можност на поддеднаков третман и поддршка од страна на општината, врз основа на остварените резултати. Жално, срамно и недозволиво е спортот, спортските клубови и спортистите, да се користат како тема за манипулација со јавноста и во дневно-политички цели.
Локалната самоуправа ќе продолжи, во рамки на своите можности, да ги поддржува спортските клубови, да го стимулира развојот и унапредувањето на спортот на целата територија на општината, стои во соопштението на Општина Охрид.
