Општина Охрид внимателно ја следи состојбата со шумскиот пожар на планината “Галичица” кој е активен на потег во рамки на националниот парк.
Пожарот, во текот на вчерашниот ден од територија на Република Албанија, каде што беше регистрирано почетното жариште, ја зафати шумата и на територија на Република Северна Македонија.
Вчера во 14 часот, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески по претходна координација со надлежните од Национален парк “Галичица” испрати барање до Центарот за управување со кризи за ангажирање на летало, за проценка на пожарот и за спроведување на активности за гаснење од воздух.
Според првичните информации, од пожарот е зафатен шумски потег со високо стеблеста шума, на непристапен предел и нема опасност од проширување кон населени места.
За сите информации во врска со шумскиот пожар, јавноста ќе биде тековно и навремено информирана, информираат од општина Охрид.
Пожарот којшто беше активен на албанска територија на планината Галичица со помош на ветрот е веќе преминат на македонска територија кај граничен Камен Ф9. Екипи на Националниот парк „Галичица“ и граничната полиција во моментов се на терен, затоа што постои опасност од проширување на пожарот и може да биде зафатена и заштитената зона од шума на Националниот парк „Галичица“, информираат од Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на информации од РЦУК Охрид.
-Во моментов гори сува трева, грмушки и ниска деградирана ретка шума и поради тоа што теренот е непристапен за гасење од земја со човечка сила ќе се следи состојбата во текот на денешниот ден од страна на екипи на Националниот парк „Галичица“ и граничната полиција, велат од ЦУК.
