На регионалниот настан „Промени што носат иднина -100 дена локална власт отчет на ВМРО ДПМНЕ“ што се одржа денес во Охрид, отчет за сработеното по првите 100 дена даде градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Изминатите сто дена преку своите градоначалници ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека умее, дека може и дека ги менува работите. Покажавме дека има разлика тоа што го работи ВМРО-ДПМНЕ и тоа што го распродава, краде и уништува СДСМ. Тоа го истакна партискиот лидер Христијан Мицкоски денеска од Охрид каде отчет на сработеното во првите три месеци од мандатот дадоа градоначалниците на Охрид, Македонски Брод, Демир Хисар, Вевчани, Брвеница и Јагуновце.

Мицкоски истакна дека промените започнале скромно, но силно и се повеќе се интензивираат, дека истите се, како што рече, „најава на иднината за која вреди да се бори, во која се верува”.
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков рече дека со преземањето на функцијата направил увид во финансиската состојба на општината и јавните претпријатија, нагласувајќи дека општината е задолжена од околу 14 милиони евра, додека пак долгот на јавните претпријатија е повеќе од 8 и пол милиони евра.

-„Согласно извештајот на стручните служби за констатирани обврски кои Општината ги има кон доверителите, вкупниот долг изнесува во евра околу 14 милиони евра. Доста интересно е тоа што после финансиската помош за раздолжување на општината од страна на Владата на Република Македонија, во 2019 година долгот изнесувал нешто повеќе од 8 и пол милиони евра.Она што можеби најмногу загрижува и ја покажува сета несериозност на минатата структура на локалната власт, е новиот долг на ЈП “Водовод“ од 1 милион евра. Јавното претпријатие „Билјанини извори“ има долг од околу од 1 милион и 200 илјади евра, „Охридски комуналец“ има долг од околу 1 милион евра, „Нискоградба“ има долг од нешто повеќе од 750 илјади евра, „Градски пазар“ има долг од приближно 40 илјади евра, „Градски гробишта“ има долг од 16 илјади евра. Вкупно сите претпријатија должат нешто повеќе од 8 милиони евра. Кумулативно долгот на општинските јавни претпријатија плус долгот на Општина Охрид изнесува 22 милиони евра, рече во своето обраќање градоначалникот Кирил Пецаков.

Пецаков рече дека во изминатите 100 дена во финална фаза реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република“, булеварот „Македонски просветители“ е веќе во втора фаза од реализација, но и катната гаража е влезена во финална фаза.
Во однос на животната средина Пецаков посочи дека се исчистени 167 диви депонии. Се грижиме за чист и зелен Охрид. Исчистивме повеќе од 167 диви депонии и подигнавме 673 метри кубни кабаст отпад. За споредба за период 2020 година до ноември 2021 година имаше подигнато 844 метри кубни кабаст отпад. За прв пат после 7 години се исчисти депонијата во населба Даљан. Се исчисти дивата депонија на улицата „Јордан Мијалков“, кажа Пецаков.Во однос на животната средина, зедовме активно учество при подготовката на нацрт – планот за прогласување на Студенчишко блато за Парк на природата, во Студијата за валоризација на Охридското езеро за прогласување на Споменик на природата, а понатака учествуваме во изработка на планот за крајбрежјето на Охридското езеро, вели Пецаков.
Во основните образовни институции само во текот на месец декември 2021 година трансфериравме повеќе од 7 милиони денари, додека во средните за истиот тој период трансфериравме над 3 милиони денари, нови стипендии за ученици, студенти, магистранти и докторанти, со ретки болести и посебни потреби кои учат и студираат во државни и приватни училишта, односно универзитети, рече Пецаков.
Ја започнавме постапката за изградба на спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ Лескоец. Во моментов се води постапка во имотно правната служба, по што следува носење на урбанистичко планска документација и одобрение за градба. Во фаза на проектирање е и изградбата на ново училиште кај сегашното ООУ „Григор Прличев“. Финансиските средства се обезбедени преку УНДП за чија потреба е изработена и проектна документација. Се реконструираат фасадите на ОУ „Св. Наум Охридски“ Пештани и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, додека во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ за скоро време започнуваат градежните активности за инсталација на лифт. Во ОУ „Григор Прличев“ како дел од проектот „Биди Ин, биди ИНклузивен“ се отвори првата сензорна градина. Изготвивме правилник за субвенционирање на родителите чии деца го посетуваат Центарот за третман на лица со аутизам и атипичен развој. Исто така го решаваме и круцијалниот проблем кој Центарот го имаше, а тоа е изградба на надворешни скали за посебен пристап, рече Пецаков.
Градоначалникот Пецаков нагласи дека и во следниот период ќе работи стручно, одговорно се со цел реализирање на проектите кои што ги ветил пред охриѓани.
