Австриец и ги зел децата на Македонка и не им дозволува контакт

Скопјанката која живее во Минхен, Марина Лозановска-Шварцот, чии три мали деца ѝ ги зел поранешниот сопруг и ги прекинал сите контакти со неа, обесправена и исплашена за психофизичката состојба на децата го чека второто судско рочиште во Фамилијарниот суд во Минхен на 18 декември. Вчера, таа преку адвокатот испратила допис до обвинителот кој по поднесена кривична пријава од екссопругот од Австрија ја осомничил за киднапирање на децата, потоа до Детскиот омбудсман за кршењето на нивните права да се одвоени и се без каков било контакт еден месец од неа како нивна мајка, како и по стоти пат до нивниот татко, да го моли барем да се чујат и видат на камера.

По разводот, Марина тврди дека усно, седнати на ручек, се договориле со поранешниот сопруг дека таа со децата ќе се пресели во Скопје. Веднаш штом ги запишала децата од 3, 6 и 9 години во градинка и во приватно училиште (сите три на едно место, во иста школа), му кажала и како што тврди, му дала контакт да зборува со наставниците. Тој прашал како ќе се гледаат, таа му рекла дека исто како досега, во Минхен. Тој живеел во Виена.

„Татко им се јавуваше, комуницираше и со мејлови во училиштето. Им кажал на наставниците/воспитувачките дека сака да дојде и да зборува со нив. Додека бевме во брак, 6 години живеевме во Македонија. Како може да е ова киднапирање? Иако не плаќа алименатција, старателството ни е делливо и никој од нас нема забелешка. Така одлучи Фамилијарниот суд во прв степен, а таа одлука ја потврди и второстепениот суд. Сега, истиот тој суд ме апси и притвора небаре сум терорист, ми ги зеде и привремено му ги додели децата на поранешниот сопруг за тој да ги однесе во Лихтенштајн и повеќе да не ги видам“, вели Марина за СДК.

Таа е загрижена што никој не се секира за правата на нејзините деца.

„Правата на мајката, правата на таткото…А за правата на децата се грижи ли некој? Третото ми има само три години и зборува само македонски“, вели Марина.

Таа со години работи за германска фирма и е во нејзиниот управен одбор. Во моментов не смее да го напушти Минхен, па од Македонија секојдневно чека и собира документи и докази, за како што вели, да ги побие лагите на нејзиниот поранешен сопруг кој ѝ поднел пријава дека по разводот му ги киднапирала децата.

Трите деца покрај австриското, имаат и македонско државјанство, зашто кога се родиле, таткото бил со австриско, а Марина со македонско. Дури во 2023 таа зела австриско државјанство.

„Па јас ако сум киднапер, ќе патувам ли така постојано за Минхен? Ќе дојдев ли сега во Минхен на оториноларинголог со син ми ако бев киднапер? Ме уапсија, ме притворија, на мајка ми ѝ реков веднаш баба и дедо да ги донесете другите две наши деца овде во Минхен. Ги донесоа и повеќе не ги видов“, вели Марина.

Полицијата влеглаа на нејзиното работно место и ја уапсиле од канцеларија. И детето било со неа. Веднаш ги одделиле.

Целата сторија на СДК

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани