Што се знае за трагедијата во Кочани

Македонија, вчера  се разбуди со траорна вест.  Во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 луѓе, а уште 162 се повредени. Билансот, можно е, да расте. Од повредените, 22 се во критична состојба, дел се пренесени во болниците во соседните земји. Најголем дел од жртвите се млади, од малолетни тинејџери до лица во средината на своите дваесетти години. Мал дел од жртвите се повозрасни.

Пожарот почнал помеѓу 2:30 и 2:40 часот по полноќ. Во јавноста се појавија видеа од внатрешноста на објектот и тоа од моментот кога почнува да гори. За време на концертот на групата ДНК, додека бендот изведува една од своите нумери, на сцената се палат пиротехнички средства, т.н. прскалки.

Во еден момент, веројатно од искрите од прскалките, се пали плафонот. На друга снимка се гледаат обиди да се изгаси пожарот со уред кој наликува на противпожарен апарат, а публиката го набљудува дејствието. Настанало стампедо од луѓе кои се бореле да излезат надвор.

Мегу настраданите, загинаа шест членови на групата ДНК, меѓу кои и пејачот на групата Андреј Ѓорѓиески.

Клубот работел со фалсификувана лиценца, издадена од Министерството за економија

Локалот требало да има, но немал задолжителна лиценца од Министерството за економија за да ја врши дејноста што ја вршел. Тошковски кажа дека лиценцата била „нелегална“, Мицкоски подоцна ја опиша како „фалсификувана“, но со оригинален печат и потпис од тогашните „одговорни лица“, за што било земено мито.

Не е проблем само лиценцата од Економија. „Пулс“ немал и елаборат за противпожарна заштита од Дирекцијата за заштита и спасување. Веројатно затоа еден од приведените е поранешен директор на оваа институција.

Против законот е и тоа што во објекот имало малолетници, иако не требало да има. Дозвола или лиценца е потребна и за приредување на огномет, односно пиротехнички ефекти. Не е до крај јасно, но се чини дека и оваа постапка не била запазена.

Собрано на купче, во „Пулс“ во Кочани не само што не смеело да има пиротехника, не само што не смеело да има малолетни, туку објектот воопшто не смеел да работи. Не само синоќа туку веројатно последниве неколку години. Да ги имал сите документи извадени во регуларна процедура и со редовна контрола, тоа ќе бил објект со посебни противпожарни сектори, со повеќе излези, со утврдена широчина на врати за поголем капацитет за брз излез на гостите, со најмалку два пристапа за возила на противпожарната заштита и друго, како што пишува во законските и подзаконските акти.

Приведени се 10 лица, некои поранешни вработени во министерството од економија, како и поранешниот директор за заштита и спасување. Вчера на информативен разговор беше и екс министерот за економија Крешник Бектеши. За 10 лица е одредена мерка притвор од 48 часа

Дел се поранешни функционери и вработени во институциите кои ги издаваат потребните одобренија и лиценци. Нелегалната или фалсификуваната лиценца и се става на товар на поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ. Потоа, раководител во истата институција. Вечерва на разговор е повикан и тогашниот министер Крешник Бектеши. Кога е во прашање Дирекцијата за заштита и спасување, МВР изрази основни за сомение за поранешен директор и уште тројца вработени од таа институција.

Другите се лица инволвирани во организацијата на настанот, обезбедуањето, менаџментот на клубот.

Во најголемата несреќа во земјава, има стотици тешко повредени. Во странство се пренесени 47. Бугарија испрати свој авион и возила и зеде неколку пациенти, Турција прати авион и го стори истото. По различни патишта пациенти презедоа и Грција, Србија и Хрватска. Доктори во земјава пратија Србија, Израел, Чешка.

Извор 360 степени

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани