Во светот на успешните: Ангела Танкоска стилист од „Студио Скил“ Охрид

Во светот на успешните: Ангела Танкоска – уметница за  коса, боја и стил  од „Студио Скил“ Охрид. 

Во светот каде што убавината се допира  со креативноста, таа стои како инспирација за многумина. Со мајсторска прецизност, чувство за естетика и неисцрпна енергија и страст кон работата, Ангела Танкоска не е само фризерка – таа е уметница која преку косата раскажува приказни.

Преку својот бренд „Студио Скил“, Ангела ја претвори љубовта кон фризерството, шминката и колористиката во вистинска уметност. Нејзината посветеност, постојана желба за усовршување и блискоста со клиентите ја издвојуваат како една од најпочитуваните стилистки во регионот.

Во ова интервју, разговараме со Ангела за нејзиниот пат до успехот, предизвиците со кои се соочила, инспирацијата што ја движи напред и визијата за иднината.

Добредојдовте во светот на боите, стиловите, вештините и самодовербата – светот на Ангела Танкоска и Студио „Скил“.

  1. Како започна Вашата приказна со фризерството, стилизирањето и колористиката? Кога сфативте дека ова е Вашиот повик? Кој беше првиот чекор што го направивте кон изградба на кариера во оваа професија?

Отсекогаш бев воодушевена од тоа како една фризура може целосно да го промени изгледот и самодовербата на една личност. Првиот вистински чекор го направив кога се запишав на приватни обуки за фризерство, каде што сфатив дека ова не е само занает, туку уметност која бара љубов, посветеност и креативност. Тоа беше моментот кога почувствував дека ова е мојот повик. Секој ден од тогаш наваму ми беше предизвик, но и мотивација да учам, да се развивам и да го градам својот личен стил во овој би рекла магичен свет на убавина и трансформација.

  1. Што Ве инспирира најмногу во работата со коса – дали е креативноста, трансформацијата на клиентите или нешто друго?

Најмногу ме инспирира трансформацијата со нијансите – не само физичката, туку и онаа што се случува во клиентката кога ќе се погледне во огледало и ќе се почувствува среќна, самоуверена и уникатна. Исто така, креативноста е мојот двигател – косата на секоја клиентка е нов предизвик и нова приказна што ја создавам со сопствените раце. Тоа чувство кога некоја жена ќе излезе од салонот со насмевка на лицето и блесок во очите е најголемата награда за мене. Токму тие моменти ме потсетуваат зошто ја сакам оваа професија.

  1. Колку е важно за Вас да бидете во тек со трендовите и иновациите во колористиката и стилизирањето?

Многу е важно! Светските трендови постојано се менуваат и за да бидеме во чекор со модата, мора постојано да учиме, да се надоградуваме со знаење, опрема, материјали итн. и да ги следиме новите техники и трендови. Учеството на обуки, семинари, работилници ми помагаат секогаш да сум во тек со иновациите. Сметам дека вистински професионалец никогаш не престанува да учи – секој тренд е нова можност да се усовршиш, да експериментираш и да создадеш нешто автентично. Јас постојано сум во потрага да учам и да се надградувам, токму затоа посетувам приватни курсеви и  обуки.

  1. На што сте најгорда досега во Вашата професионална приказна?

Најмногу сум горда на довербата што ја изградив со моите клиенти – тоа е нешто што се создава со време, посветеност и искрен однос. Исто така, сум горда на секоја трансформација што направила некого да се чувствува убаво и уникатно. Чувството дека си дел од нечие подобро секојдневие, дека си помогнал некому да се види себеси во поубаво светло, е непроценливо. Тоа ме исполнува и ми дава сила да продолжам напред.

  1. Колку е важна довербата помеѓу клиентот и фризерот?

Довербата е основата на сè. Клиентот ти ја доверува својата коса, изглед и често и својата емоција. Кога постои таа врска, резултатите секогаш се подобри – бидејќи има комуникација, разбирање и отвореност. Без доверба, не може да се постигне вистинска хармонија меѓу очекувањата на клиентот и креативноста на стилистот. Тоа е двонасочен однос кој се гради со време, искреност и професионализам.

  1. Кој тренд во косата и шминката мислите дека никогаш нема да излезе од мода?

Според мене, плавите нијанси на косата секогаш ќе бидат тренд и ќе ја истакнуваат женственоста, но сепак најважно од сè е косата да е здрава, нијансирана и стилизирана според личноста – тој тренд никогаш не се менува. Безвременската убавина лежи во природната елеганција и негуван изглед. Добро негувана коса, која го одразува карактерот и стилот на жената, е најсилниот моден израз што секогаш ќе биде во мода.

  1. Што е клучно за да се биде успешен фризер и стилист денес?

Покрај техничката и вештината во работата, најважни се и љубовта кон работата, континуираното учење и односот со клиентите. Треба да се биде трпелив, слушател, психолог, уметник… и сè тоа во едно. Успехот не доаѓа преку ноќ – се гради чекор по чекор, со работа, искуство и најважно – со љубов кон секој што ќе седне на твоето  столче.

  1. Какви се Вашите професионални соништа? Каде се гледате себеси за 5 години во оваа професија?

Мојата цел е да создадам препознатлив стил и да бидам инспирација за другите помлади луѓе. За 5 години се гледам како сопственик на модерен студио-салон, едукатор за нови фризери и активен дел од креативни проекти, фотосесии и модни настани. Сакам да бидам дел од едно пошироко движење на современа и етичка убавина, каде што ќе се вреднува индивидуалноста и квалитетот, а не само трендовите. Мојата визија е да создавам, да инспирирам и да оставам трага во светот на убавината.

Повеќе видеа со трансформации може да поглденете на Инстаграм страната на Studio Skill

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани