Биохемиската лабораторија при ЈЗУ Општа болница Охрид е опремена со нов современ интегриран апарат за биохемиски и имунолошки анализи, кој претставува прв ваков систем во регионот.
Станува збор за високотехнолошки апарат кој овозможува автоматизирано извршување на широк спектар на биохемиски и имунолошки тестови во еден единствен систем, со минимална потреба од рачна интервенција. Со напредна технологија, висока репродуктивност на резултатите и брз софтвер за управување со податоци, системот значително ја подобрува работната ефикасност и го намалува времето потребно за анализа.

„Интегрираниот апарат претставува современо и ефикасно решение со висока точност, брзина и сигурност во дијагностиката. Обезбедува сигурни резултати кои се клучни за точна и навремена медицинска одлука“, информираат од болницата.
Покрај тоа, набавен е и нов хематолошки бројач со CRP и седиментација, кој овозможува прецизна и брза анализа на диференцијална крвна слика, како и показатели на воспалителни процеси во организмот. Апаратот обезбедува автоматизирана работа и зголемена ефикасност во болничките и лабораториските услови, што директно придонесува за побрза и поточна дијагноза кај пациентите.

Од болницата најавуваат дека ова е само дел од проектите кои во блиска иднина ќе се реализираат на одделението, со цел континуирано унапредување на здравствените услуги и подобрување на квалитетот на грижата за пациентите од Охрид и регионот.

