Во просториите на Општина Охрид денеска се одржа втората седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион, со која претседаваше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
На седницата биле разгледани и усвоени вкупно 22 точки од дневниот ред, меѓу кои и Акцискиот план за спроведување на Програмата за развој на Југозападниот плански регион за 2026 година, како и Годишниот извештај за реализација на програмата за 2025 година со интегриран финансиски извештај.
Како што информираше Пецаков, особено значајно е што била усвоена и Приоритетната листа на регионални проекти за 2026 година, со која ќе продолжат заедничките инвестиции во развојот на регионот.

На седницата биле донесени и повеќе одлуки за преотстапување на работи и стоки за општините од Југозападниот регион, со цел набавка на нови машини и комунална опрема.
Во однос на Општина Охрид, донесени се одлуки за набавка на апарат за детекција на дефекти во водоводните цевки, електричен ударен чекан, како и режач за пилинг со димензии Ф110–500 и Ф63–110.
Градоначалникот Пецаков посочи дека со ваквите активности се продолжува посветената работа за рамномерен регионален развој, подобрување на инфраструктурата и создавање подобри услови за живот за граѓаните од Југозападниот плански регион.
