Кривични пријави се поднесени против тројца државјани на Албанија кои со пловни објекти илегално влегле во македонските територијални води на Охридското Езеро и вршеле незаконит риболов.
Како што информира полицијата, во периодот од 6 до 8 март 2026 година, во две одделни акциски контроли, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ ги лишиле од слобода Ј.Ц.(53), Е.Б.(50) и А.Ш.(21), сите од Република Албанија.
Тие, откако со пловни објекти илегално ја преминале македонско-албанската државна езерска граница, биле затекнати од полициска патрола во македонските територијални води при вршење незаконит риболов.
По наредба на јавен обвинител, одземени им се пловните објекти, рибарските мрежи и уловот.
По целосно документирање на случајот, против нив се поднесени кривични пријави за „незаконит риболов“ по член 229 од Кривичниот законик и за „илегално преминување на државната граница“ по член 9 од Законот за гранична контрола.
