Од Вевчани до Њујорк: Македонската уметност ќе се претстави пред светската публика

Во Њујорк, САД, од 16 до 25 март ќе биде отворена изложбата „Патување низ бои: Духот на Балканот во Њујорк“, која произлегува од Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. Изложбата преку современ визуелен израз ја претставува инспирацијата од традицијата, културата и уникатниот дух на Вевчани.

Поставката обединува уметнички дела инспирирани од препознатливите мотиви на Вевчани – неговата богата културна историја, природните убавини и живописните симболи на познатиот Вевчански карневал. Преку различни уметнички техники и стилови, авторите нудат лични интерпретации на ова место кое претставува значаен дел од македонскиот културен идентитет.

Изложбата ќе биде поставена во галеријата „Gallery MC“ во Њујорк, а свечениот прием ќе се одржи на 20 март од 18 часот, со присуство на уметници, претставници на културни институции и гости од уметничката сцена.

На изложбата ќе бидат претставени дела на уметници пред сè од Македонија, како и од Србија и Бугарија. Настанот има за цел да ја приближи македонската култура до меѓународната публика и да создаде простор за културна размена и дијалог меѓу уметниците и љубителите на уметноста во Њујорк.

Изложбата „Патување низ бои: Духот на Балканот во Њујјорк“ претставува можност за промоција на македонската уметност и традиција на светската културна сцена. Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани