Силна поддршка за образованието: Над 230 ученици и студенти со стипендии

Над 230 ученици и студенти годинава се добитници на стипендии од Општина Охрид. Станува збор за 152 основци, 56 средношколци и 22 студенти, а поддршката опфаќа и ранливи категории.

Локалната самоуправа испраќа јасна порака – инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината.

Токму денес, 25 март – Светскиот ден на талентираните, оваа поддршка добива уште поголемо значење.

„Секогаш сме отворени како Општина Охрид и оваа година објавивме конкурс на кој можеа да се јават ученици и студенти, како и ученици и студенти со ретки болести или со посебни потреби. Оваа година износот на стипендијата изнесува за 9 месеци по 2.000 денари и навистина како Општина Охрид сакаме да го вреднуваме трудот, она што учениците го постигнале во текот на претходната учебна година. Не само на учениците, туку и на менторите. Кога тие ќе се почувствуваат вреднувани, даваме мотив за понатамошна успешност“, изјави професорот  Перчо Божиновски претседател на Советот на општина Охрид во утринската програма на МРТ.

Стипендиите се доделуваат врз основа на успехот, освоени награди, но и социјалниот статус на семејствата. Особено значајно е што општината ги поддржува студентите уште во прва година – периодот кога трошоците се најголеми.

„Во рамки на основното образование, 152 ученици се добитници на стипендија.
152 ученици од основното и 56 ученици од средното образование се добитници на стипендии.
Кога станува збор за студентите, 22 студенти се добитници на стипендија и карактеристично е што тие се доделуваат во прва година, кога на студентите им е најпотребна поддршка“, изјави Божиновски.

Охрид е една од ретките општини што обезбедува стипендии и за ученици и студенти со ретки болести и посебни потреби. Годинава, ваква поддршка добиваат околу 60 ученици и студенти, а општината потенцира дека никој што ги исполнува условите нема да биде изоставен.

„Она со што сме горди како Општина се стипендиите за ученици и студенти со ретки болести. Тоа е навистина помош и поттик.
Околу 60 ученици и студенти се добитници на овие стипендии и сите кои ги исполнуваат условите се трудиме да ги опфатиме.
Буџетот се прилагодува според потребите и не смееме да дозволиме некој што ги исполнува условите да не добие стипендија“, изјави Перчо Божиновски.

Покрај стипендиите, општината доделува и дополнителни награди, со кои ги мотивира и учениците и наставниците да постигнуваат подобри резултати.

-„Во сите основни и средни училишта се избира првенец на генерација кој добива еднократна награда од 10.000 денари. Студентите добиваат и еднократна помош од 6.000 денари на почетокот на студиите. Учениците што освоиле награди по повод 24 Мај добиваат финансиска поддршка, а и учениците и нивните ментори на крајот на годината добиваат награди во зависност од постигнатиот успех. На тој начин се мотивираат и учениците и наставниците“,  додава Божиновски.

Локалната самоуправа најавува дека поддршката за образованието ќе продолжи и во иднина, со цел Охрид да создава успешни и конкурентни генерации.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани