Вчера, на 7 април 2026 година се одржа консултативен состанок на претставници од здруженијата на пензионери од осмиот регион, кој ги опфаќа општините Струга, Охрид и Дебрца, Македонски Брод, Кичево, Дебар, Центар Жупа, Гостивар, Лабуништа и Вевчани.
Согласно заклучоците на Комисијата за културно-забавен живот при Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија, за домаќин на 24-тата Регионална ревија на песни, музика и игра за 2026 година е избрано здружението на пензионери од Вевчани. Манифестацијата е предвидено да се одржи на 19 или 21 мај.
Претседателот на здружението од Вевчани, Витомир Костојчиноски, информира дека веќе се преземаат активности за организација на настанот, при што на состанокот биле утврдени основните критериуми и насоки согласно препораките на надлежната комисија.
На средбата присуствувале претставници од повеќе здруженија, кои активно се вклучиле во подготовките, а бил извлечен и редоследот за настап на учесниците. Ревијата ќе започне и ќе заврши со настап на домаќинот – здружението на пензионери од Вевчани, а ќе настапат и претставници од Македонски Брод, Кичево, Лабуништа, Дебар, Гостивар, Струга и Охрид со Дебрца.
Во рамки на настанот е предвидено и свечено отворање, обраќања на претставници, доделување благодарници, како и дефиле на учесниците низ центарот на Вевчани, по што ќе следува заедничко дружење со песна и игра.
Стојан Кукунешоски

