Со средства од Буџетот на Општина Вевчани реализирани се градежни активности за партерно доуредување на дворот во детската градинка, информираше градоначалникот Спасе Кочовски.
Во рамки на зафатот извршено е проширување на пристапната патека, изградба на потпорен ѕид, како и поплочување на просторот со цел обезбедување дополнителни паркинг места. Поставена е и нова метална ограда околу објектот.
Од Општината најавуваат дека во наредниот период просторот дополнително ќе биде уреден со поставување клупи и корпи за отпадоци.
Според локалната самоуправа, со овие активности се подобруваат условите и безбедноста во дворот на градинката, како за децата така и за родителите и вработените.



