Општина Дебрца најавува воведување нова мерка „Недела бесплатен превоз“. Целта е заживување на сите 30 села во општината, привлекување туристи, но и повторно поврзување со жителите кои со години се иселиле во соседните градови.
Во план е воспоставување меѓуопштинско поврзување, најпрво со Охрид, а потоа и со Струга.
„Знаеме како се движат цените на горивата и колкав трошок претставува за едно семејство да отпатува стотина километри. Ние ја воведуваме оваа мерка за граѓаните бесплатно да можат да ги посетат селата, а тоа за нас ќе значи развој и посилна локална економија“, вели градоначалникот Златко Сиљаноски.
Посебен акцент во туристичката понуда ќе биде ставен на природните богатства и верските објекти и големиот број културно историски споменици со кои располага Дебрца.

„Дебрца има многу природни ресурси кои, за жал, досега не се доволно искористени. Очекуваме најголем интерес од жителите кои се отселени, бидејќи природно најмногу гравитираме кон Охрид. Мислам дека ќе има голем одзив.Имаме значајни верски објекти, а го имаме и Белчишкото Блато, кое денес ни е приоритет. Преземаме сериозни чекори за негова промоција и заштита.“, додава Сиљаноски.
Покрај развојот на туризмот, Општина Дебрца годинава со рекорден буџет од 24 милиони денари ќе работи и на подобрување на патната инфраструктура во повеќе населени места.
Новинар Соња Рилковска
