Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска присуствуваше на одбележувањето на значаен јубилеј на компанијата Костал, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, менаџментот и вработените во компанијата.
Во својата објава, Пецаков истакна дека германскиот инвеститор во изминатите години одиграл важна улога во позиционирањето на Охрид на мапата на глобалната автомобилска индустрија, нагласувајќи дека компанијата потврдила оти македонските работници поседуваат висок квалитет и значителен потенцијал.
Тој посочи дека успехот има најголема вредност кога се споделува со заедницата и потсети дека Општина Охрид и охриѓани во изминатата деценија биле лојален партнер на компанијата.
„Покрај честитките, упатив и конструктивен поттик, потенцирајќи дека е време за уште посилно придобивање на пулсот на градот“, наведува Пецаков во објавата.
Градоначалникот изрази очекување во наредниот период корпоративната општествена одговорност на компанијата да биде дополнително унапредена преку поголема поддршка на културата, образованието, младите спортисти и спортските клубови во Охрид.
На крајот од обраќањето, Пецаков му посака на „Костал“ уште многу успешни децении работа, изразувајќи надеж дека во иднина ќе се слават заеднички успеси не само во производството, туку и во општествениот живот на градот.




