Утре е Духовденска задушница – ден за молитва и спомен на починатите

Православните верници утре ја одбележуваат Духовденската задушница, која секогаш се паѓа во саботата пред големиот христијански празник Педесетница – Духовден.

Овој ден е посветен на спомнување и молитва за сите упокоени благочестиви христијани, а верниците традиционално посетуваат гробишта, палат свеќи и принесуваат молитви за покој на душите на своите блиски.

Според православното учење, спомнувањето на починатите пред Педесетница е востановено затоа што со слегувањето на Светиот Дух се заокружува домостроителството на спасението на човекот, во кое учествуваат и упокоените.

Црквата учи дека благодатта на Светиот Дух им се дарува и на живите и на починатите, па затоа токму во пресрет на Педесетница се упатуваат посебни молитви за сите кои се упокоиле во верата.

Во богослужбените текстови на празникот, Свети Василиј Велики нагласува дека Господ на овој ден особено ги прима молитвите за умрените, дури и за оние „коишто се држени во адот“.

Во недела, пак, православните христијани ќе го прослават големиот празник Педесетница – Духовден, еден од најзначајните празници во христијанството, кој го симболизира слегувањето на Светиот Дух врз апостолите.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани