10 та Дримска конференција

Загадувањето со ѓубрива, пестициди и отпадот, како и урбанизацијата и климатските промени, се меѓу најголемите закани за Дримскиот басен. Тие ја нарушуваат биолошката разновидност и ги деградираат екосистемите. На 10-тата Дримска конференција беше најавена подготовка на Акциски план, а петте држави од сливот со буџет од 7,5 милиони евра ќе работат на подобра заштита на природните ресурси.

„За да се инвестира во подобар животен стандард, предвидуваме акциски план кој ќе биде прилагоден за секоја од државите што се вклучени, согласно нивните економии, за да се спроведе одржлива животна средина, да се обезбеди питка вода и да се заштити животната средина“, изјави Димитрас Фолоутсос, координатор.

Прекуграничната соработка останува клучна за справување со предизвиците во сливот на реката Дрим, како и за зачувување на природното наследство.

-„Охридското Езеро и Дримскиот Басен претставуваат непроценливо природно и културно богатство, извор на живот, биолошка разновидност и можности за одржлив развој. Нивното зачувување е наша заедничка одговорност и обврска кон идните генерации.
Како градоначалник на Општина Охрид и претседател на Советот на Југозападниот плански регион, ја потврдив нашата силна заложба за заштита на животната средина, одговорно управување со водните ресурси и спроведување на конкретни мерки за намалување на загадувањето и зачувување на езерскиот екосистем. Ќе продолжиме активно да работиме на зајакнување на прекуграничната соработка, ревитализација на Билатералниот комитет за заштита на Охридското Езеро и обезбедување поддршка за реализација на приоритетните проекти од Стратешкиот план за Дрим и Планот за управување со Охридското Езеро“, истакна градоначалникот Кирил Пецаков.

„Во таа насока се очекува да се формираат експертски и институционални тимови кои ќе го започнат процесот на подготовки за изработка на Стратегија за управување со реката Дрим. Веруваме дека ваквиот договор ќе претставува силен меѓународен инструмент кој дополнително ќе ги зајакне механизмите за заштита, управување и одржливо користење на ресурсите во сливот“, истакна Александар Николоски, вицепремиер.

Темите на конференцијата беа поврзани со усогласувањето на Стратешкиот план за Дримскиот басен со Зелената агенда на Европската Унија, со акцент на заштитата на водните ресурси.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани