Охрид изминатиот викенд беше центар на балканскиот триатлон, откако во градот се одржа Балканското триатлон првенство Охрид 2026. На натпреварувањето учествуваа повеќе од 350 репрезентативци во различни категории од 17 земји, кои ги одмерија своите способности и издржливост на патеките покрај Охридското Езеро.
Најуспешните натпреварувачи беа наградени со признанија и медали, кои во име на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, им ги врачи Катерина Стојаноска.
Градоначалникот Пецаков упати честитки до сите учесници за покажаната спортска подготвеност и натпреварувачки дух, а посебна благодарност изрази до организаторот – Триатлон федерацијата на Македонија, како и до сите институции и организации кои помогнаа во реализацијата на настанот.
Во организацијата беа вклучени и „Охрид трчаТ“, Министерството за спорт и Олимпискиот комитет, кои обезбедија техничка и логистичка поддршка.
Од Општина Охрид потенцираат дека и понатаму ќе продолжат да ги поддржуваат големите спортски манифестации, кои придонесуваат за афирмација на градот и негово позиционирање на регионалната и светската спортска мапа.


